У.бр.169/1994 и У.бр.170/1994

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одрчана на 19 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за распишување избор на претседател на Република Македонија и Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/94), донесени од претседателот на Собранието на Република Македонија на 9 септември 1994 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров независен пратеник во Собранието на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, поради тоа што Решението за распишување избор на претседател на Република Македонија не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 ставовите 1 и 2, член 54, член 80 став 4, член 81 став 8, член 82 и член 83 ставовите 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што датумот за избор на претседател бил утврден пред рокот од 60 дена од истекот на мандатот на претходниот претседател, а Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, член 9 ставовите 1 и 3, член 22, член 23, член 50 став 1, член 51 ставовите 1 и 2, член 54 ставовите 1, 2 и 3, член 63 ставовите 1, 2, 3 и 6 и член 65 од Уставот, и член 2 став 2 и член 6 од Законот за избор на пратеници, затоа што датумот на изборите за пратеници бил утврден пред рокот од 90 дена од истекот на мандатот на пратениците.

Подносителот на иницијативите укажува дека со оспорените решенија се ограничувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот односно се ограничувало избирачкото право на граѓаните.

Понатаму, во иницијативите се наведува дека истовремено одржување на изборите за претседател на Републиката и за пратеници во Собранието не било во согласност со Уставот затоа што двете постапки биле инкомпатибилни.

На крајот, во иницијативите се бара до донесувањето на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените решенија.

4. На седницата, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија на 28 септември 1994 година, со решение У.бр.156/94 ги отфрли иницијативите за оценување уставноста на Решението за распишување избор на претседател на Република Македонија и на Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека со оспорените решенија се распишуваат избори за претседател на Република Македонија и за пратеници во Собранието на Република Македонија, се определува дека изборите ќе се одржат на 16 октомври 1994 година и дека за спроведувањето на решенијата ќе се грижи Републичката (државна) изборна комисија, како и дека изборните дејствија започнуваат со денот на објавувањето на решенијата во “Службен весник на Република Македонија”.

Со членовите 79 до 87 од Уставот на Република Македонија е утврдена уставната положба, надлежностите и условите и постапката за избор на претседател на Републиката. Во тие рамки, со член 81 став 8 е утврдено и времето во кое ќе се врши изборот на претседател на Републиката: во времето од последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател во случаите кога тој сеуште ја врши функцијата, или во рок од 40 дена од предвремениот престанок на мандатот на претседателот во случаите кога тој престанува од било кои причини. Овој рок е утврден и со член 3 став 2 од Законот за избор на претседател на Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/94).

Согласно член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието на Република Македонија се избираат за време од 4 години, а според ставот 3 избори за пратеници за Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Судот оцени дека според нивната форма и доносител, оспорените решенија влегуваат во групата правни акти што имаат поединечен карактер односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. И според нивната содржина, според мислењето на Судот, оспорените решенија не уредуваат правни односи на општ начин. Во сферата на која се однесуваат (избор на претседател на Републиката и на пратеници во Собранието) овие решенија не вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што не ги утврдуваат ниту условите за избор на претседател, ниту постапката за избор, ниту пак, на општ начин го утврдуваат времето (роковите) за спроведување на изборите, а нивната функција се исцрпува единстено тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на претседател на Републиката и на пратеници за Собранието кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Поради тоа Судот оцени дека ниту според својата форма ниту според својата содржина оспорените решенија не претставуваат општи правни акти во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот и дека, согласно оваа уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост и затоа одлучи да ги отфрли иницијативите.

5. Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд при одлучувањето по предметот У.бр.156/94 ги имаше предвид сите околности што беа од значење за заштитата на уставноста и законитоста, Судот оцени согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативите да ги отфрли од причина што за истата работа Судот веќе одлучувал, а иницијативите не содржат елементи кои би биле основа за поинакво одлучување.

6. Во однос на барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот на кои се повикува подносителот на иницијативите, а всушност се сведува на барање за заштита на избирачкото право, Уставниот суд согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а не и избирачкото право.

Поради тоа, Судот оцени согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што всушност се однесува на заштита на избирачкото право да го отрли од причина што за заштита на избирачкото право не е надлежен да одлучува.

7. Со оглед на тоа што Судот ги отфрли иницијативите, Судот одлучи дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.