91/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за основите и мерилата за распределба на средствата за лични доходи на работниците во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје – донесен со референдум на 24 септември 1987 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Карадокоски Велко и Крстевски Владимир од Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со Законот за платите и пензии во Република Македонија со колективниот договор и со критериумите утврдени од Министерството за образование и физичка куултура и Министерството за труд и социјална политика.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот правилник се предвидени и основите сложеност одговорност и услови за работа и за секој од нив се утврдени коефициенти.

Според член 2 од Законот за платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93) правното лице што врши дејност распоредена во областа од 01 до 11 и правното лице што врши дејност во областа од 12 до 14 кое е регистрирана како претпријатие ги исплатува нето платите во согласност со општ акт, колективниот договор и овој закон.

Според член 34 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и прани лица кои вршат нестопанска дејност (Службен весник на Република Македониија” бр.39/94), се утврдува коефициент на одделен степен на сложеност од 1,00 до 3,00.

Од изнесеното произлегува дека Законот за платите и пензиите не го регулира прашањето за коефициентите, туку тоа прашање се уредува со општиот колективен договор. Според тоа, платата на работник ќе се утврдува со општ акт на претпријатието, со колективен договор и овој закон.

Со оглед на тоа што во оспорениот правилник се утврдени коефициенти за исплата на платите на работниците наа управата и законот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на правилникот со Законот.

Во однос на прашањето на неусогласеноста на коефициенти од правилникот со коефициенти од Општиот колективен договор и критериумите од надлежните министерства, Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да ја оценува согласноста на општите акти со колективните договори.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.