95/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на начелното правно мислење бр.1/94 донесено од Врховниот суд на Република Македонија на 29 април 1994 година на Општата седница во врска со настанатите тешкотии во работењето на судовите поради прекинот на работата од страна на адвокатите во Република Македонија.

2. Адвокатската комора на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата Начелното правно мислење било во несогласност со одредбите од Глава В (полномошници) од Законот за процесната постапка и Главата VI (бранител) од Законот за кривична постапка, како и со член 53 од Уставот, затоа што ги присилува граѓаните во наведените постапки да барат правна помош од други лица а не од адвокатите. Начелното правно мислење не е во согласност ниту со член 38 од Уставот, затоа што на адвокатите им го ограничува правото на штрајк.

3. На седницата Судот утврди дека според точка 1 од Начелното правно мислење, во услови на прекинот на работата на адвокатите во Република Македонија, адвокатот кој е уредно повикан, а не дојде пред судов повикувајќи се на прекинот, се смета дека, во смисла на процесните закони, изостанокот не го оправдал. Според точката 2, во одредбата “кога во седиштето на судот нема доволно адвокати” од одделни членови на Законот за кривичната постапка превземен како пропис на Република Македонија, е содржана и состојбата во која адвокатите не ја вршат функцијата на одбраната поради прекинот на работата на адвокатите. Според точката 3, се смета дека постапката на адвокатот, кој какобранител на малолетник не ја врши функцијата на одбраната поради прекинот на работата на адвокатите, е очигледно насочена кон оддолговлекување на кривичната постапка, восмисла на одредбите од Законот за кривичната постапка.

4. Според член 48 став 1 од Законот за редовните судови (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/76, 31/77, 9/78, 17/79, 11/87, 24/88, 10/90, 11/91 и 55/91) Врховниот суд на Република Македонија, како највисок суд во Републиката, обезбедува единствена примена на законите од страна на судовите, а според член 49 став 1 утрдува начелни ставови и начелни правни мислења од значење за единството во примената на законите.

Судот смета дека наведените законски одредби ја определуваат природата на начелните правни мислења на Врховниот суд како облик на општење меѓу судовите со кој се обезбедува единство во примената на законите. Притоа, Законот не му дава овластување на Врховниот суд да донесува акти со кои на општ начин би уредувал правни односи, туку само акти со кои ќе влијае на начинот на примена на законите во повеќе исти или слични случаи од страна на повеќе или на сите судови.

Оспореното начелно мислење за своја содр`ина го има постапувањето на судовите во процесната и кривичната постапка во случаите кога полномошниците и бранителите не се јавуваат пред судовите, а својот изостанок го оправдуваат со прекинот на работата на адвокатите. Имајќи ги предвид одредбите на членовите 89 и 101 од Законот за процесна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 14/85, 10/86, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91) и членовите 66 до 75 од Законот за кривична постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 14/85, 26/86, 74/87, 57/89 и 3/90), со кои е уредена правната ситуација во која граѓаните односно обвинетите немаат ангажирано адвокати да ги застапуваат односно бранат во постапката пред Судот или кога нивните застапници односно бранители не се јават на закажаните точишта, произлегува дека оспореното начелно мислење не предвидува никаква нкова правна ситуација, ниту нови правни институции што ги нема во наведените законски одреби. Тоа е ограничено само на давање упатства до пониските судови да ги применуваат соодветните законски институти (определување бранител по службена должност во кривичната постапка, ангажирање други полномошници во процесната постапка итн.), во сите случаи во кои бранителот односно полномошникот не се јават пред судот, независно од тоа што во конкретниот случај таквите појави се резултат на организираниот прекин на работата на адвокатите.

Поради тоа Судот оцени дека оспореното начелно правно мислење не претставува општ акт во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и дека, согласно оваа уставна одредба, Судот не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законот.

Од тие причини Судот ја отфрли иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.