Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за урбанистичко-архитектонската единица бр.8 дел од Прилеп од аспект на популационата политика, донесена од Собранието на Општина Прилеп на 19 јули 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јане Петровски од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не е донесена во постапка предвидена со закон, што неовластената организација ја изготвила техничката документација, што не станувало збор за никаква измена на план, туку за фалсификување на постојната документација, не е извршена стручна ревизија, не е применет член 49 од Законот и не се направени аналитички и графички анализи за густината на населението и друго.
3. На седницата Судот утврди дека на 25 јануари 1987 година Собранието на општината донело Одлука за пристапување кон измени и дополнувања на Просторниот план на Општината Прилеп, Основниот урбанистички план, Деталниот урбанистички план архитектонските единици 9-8 дел, 13 дел, 16 дел, 14, 17 од аспект на популационата политика. На 26 мај 1989 година Собранието на Општина Прилеп донело Заклучок за ставање на јавен увид и организирање јавна расправа за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план бр.8-дел, според кое било предвидено јавниот увид да биде од 29 мај до 13 јуни 1989 година, а јавната расправа на 13 јуни во 10 часот.
Исто така, од записникот на комисијата за спроведување на јавниот увид и организирање јавна расправа формирана од Собранието на Општината, Судот утврди дека од 26 мај до 13 јуни 1989 година е организиран јавен увид, а на 13 јуни во 10 часот е спроведена јавна расправа. По спроведувањето на јавниот увид и организирањето на јавната расправа дадено е образложение на предлозите, мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и е донесена Одлука за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на урбаната единица 8-дел.
Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македониија” бр.38/85 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа која ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот и писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки се подготвува предлог на планот.
Според член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Собранието на општината предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Според член 34 став 2 од Законот, Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај е спроведена постапка предвидена со закон, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со закон.
5. Што се однесува до другите наводи во иницијативата, Судот смета дека дел од наводите се однесуваат на содржината на планот, а дел од наводите претставуваат фактички прашања, за што Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.