256/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот за преминување на правото за користење на недвижен имот – зграда на поранешната Виша земјоделска школа во Струмица на Министерството за образование и физичка култура, донесен од Владата на Република Македонија на 18 јануари 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното правобранителство на Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што во него било предвидено зградата на Вишата земјоделска школа во Струмица и понатаму да се користи за потребите на образованието, што не било во согласност со Законот за укинување на Вишата земјоделска школа во Струмица (“Службен весник на СРМ” бр.32/87).

3. На седницата Судот утврди дека Владата на Република Македонија на седницата од 11 ноември 1992 година при разгледување на нацрт-одлуката за пренесување на правото на користење на недвижен имот – зградата на Вишата земјоделска школа во Струмица, го одложила нејзиното донесување поради потреба од претходно мислење на Министерството за образование и физичка култура. На седницата од 18 јануари 1993 година Владата, откако било добиено мислење од Министерството за образование и физичка култура, заклучила објектот со опремата и натаму да се користи за потребите на образованието.

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека Заклучокот не е пропис ниту општ акт со кој на општ начин се востановуваат права и обврски за правни и физички лица во правниот промет, туку само облик на комуникација помеѓу Вкладата и надлежното министерство, за што Судот согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.