156/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување уставноста на Решението за распишување избор за Претседател на Република Македонија и на Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, донесени од Претседателот на Собранието на Република Македонија на 9 септември 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/94).

2. Георги Џорџ Атанасоски, кандидат за претседател на Републиката и Политичката партија на невработените во Македонија со седиште во Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на актите означени во точка 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите, Решението за избор на претседател не било во согласност со член 81 став 8 од Уставот, затоа што датумот за изборот на претседател го утврдува пред рокот од 60 дена од мандатот на претходниот претседател и дека преуранетоста на решението произведува и други повреди на постапката за избор на претседател, затоа што не биле во време изготвени обрасците за кандидатура. Понатаму, истовременото одржување на изборите за претседател на Републиката и за пратеници во Собранието на Република Македонија не било во согласност со Уставот, затоа што двете постапки не биле компатибилни.

На крајот, подносителите на иницијативите бараат Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за привремени мерки со кои постапката за изборите ќе се одложи до конечната одлука на Судот.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорените решенија се распишуваат избори за Претседател на Република Македонија и за пратеници во Собранието на Република Македонија, се утврдува дека изборите ќе се одржат на 16 октомври 1994 година и дека за спроведувањето на решенијата ќе се грижи Републичката (државна) комисија, како и дека изборните дејствија започнуваат со денот на објавувањето на решенијата.

4. Со членовите 79 и 87 од Уставот на Република Македонија е утврдена уставната положба, надлежностите, условите и постапката за избор на претседател на Републиката. Во тие рамки, со член 81 став 8 е утврдено и времето во кое ќе се врши изборот на претседател на Републиката: во времето од последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател во случаите кога тој сеуште ја врши функцијата, или во рокот од 40 дена од предвремениот престанок на мандатот на претседателот во случаите кога тој престанува од било кои причини. Овој рок е утврдени и со член 3 став 2 од Законот за избор на претседател на Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/94).

Согласно член 63 став 1 од Уставот пратениците во Собранието на Република Македонија се избират за време од 4 години, а според ставот 3 избори за пратеници за Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, или во рок од 6о дена од денот на распуштањето на Собранието.

Судот оцени дека според нивната форма и доносител оспорените решенија влегуваат во групата правни акти што имаат поединечен карактер односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. И според нивната содржина, според мислењето на Судот, оспорените решенија не уредуваат правни односи на општ начин. Во сферата на која се однесуваат (избор на претседател на Републиката и на пратеници во Собранието) овие решенија не вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што не ги утврдуваат ниту условите за избор на претседател, ниту постапката за избор, ниту пак на општ начин го утврдуваат времето (роковите) за спроведување на изборите, а нивната функција се исцрпува единствено тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги применат на еден конкретен случај на избор на Претседател на Републиката и на пратеници за Собранието кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Поради тоа Судот оцени дека оспорените решенија не претставуваат општи правни акти во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот и дека, согласно оваа уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост и одлучи да ги отфрли иницијативите.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.