9/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. Тодор Петров, независен пратеник во Собранието на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Законот за управата за јавни приходи уредува материја која се однесува на организацијата и работата на државната управа, а не е донесен со двотретинско, туку со обично мнозинство, што не било во согласност со член 95 став 3 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека со Законот се основа Управата за јавни приходи, се утврдува нејзината организација и се уредуваат работите на утврдување, контрола и наплата на јавните приходи од даночните обврзници. Притоа, во член 2 од Законот е определено дека управата за јавни приходи ги врши работите на јавните приходи, како орган во сосав на Министерството за финансии. Во членот 7 е утврдено дека управата за својата работа одговара на Министерството за финансии. Во преодните и завршните одредби нема одредба со која се укажува дека со овој закон се менува некоја одредба од Законот за органите на управата.

Судот, исто така, утврди дека според записникот од четврттото продолжение на седумдесет и првата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 24 декември 1993 година по предложениот закон за управата за јавни приходи 50 пратеници гласал “за”, 4 пратеници гласале “против” и седум пратеници биле “воздржани”.

4. Според член 95 од Уставот на Република Македонија државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа. Организацијата и работите на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Судот смета дека смислата на одредбата на член 95 од Уставот е да наметне посложена постапка за донесување на законите кои се однесуваат на организацијата и работата на државната управа. Со други зборови, оваа уставна норма обврзува на поголем степен на согласност за промени во овој сегмент на државната организација.

Понатаму, Судот констатира дека системот на органите на државната управа во смисла на утврдување на нивната организација (утврдување на видовите, бројот и називите на органите на управата) и нивната работа (надлежности на одделни органи и постапката за нивната работа) веќе се утврдени со друг закон (Законот за органите на управата “Службен весник на Република Македонијиа” бр.40/90). Во тие рамки уредена е и организацијата, надлежноста и начинот на работа на Министерството за финансии (член 113 точка 5 и член 119 од Законот за органите на управата), при што е определено дека во негов состав е и Републичката управа за имотно-правни работи и Републичкиот финансиски инспекторат.

Поради тоа, Судот смета дека систем на државната управа во наведената смисла претставува само она што е уредено со законот за органите на управата, кој може да се менува само со двотретинско мнозинство, а дека се друго, без оглед на тоа што исто така се однесува на организацијата и работата на органите на управата, не претставува систем и може да се уреди со закон кој не мора да биде донесен со двотретинско мнозинство.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека за донесување на Законот за управата за јавни приходи не било неопходно двотретинско мнозинство, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за таквата согласност со наведените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.