Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 21 став 1 од Законот за извршната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.20/78, 6/82, 74/87, 57/89, 29/90, 27/90 и 35/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 21 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што со оспорената одредба се давало право само на правните лица да можат врз основа на веродостојна исправа да поднесат барање за присилна наплата на своето побарување, додека таквото право им било ускратено на физичките лица без оглед на тоа што и тие стапувале во правниот промет, што не било во согласност со членот 55 став 2 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди декак според членот 21 став 1 од Законот, извршувањето заради остварување на парично побарување на правно лице се определува и врз основа на веродостојна исправа.
4. Според член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според член 98 став 5 од Уставот, постапката пред судовите се уредува со закон.
Со Законот за извршната постапка се определуваат правилата според кои судот постапува заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, како и заради обезбедување на побарувања. Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна или во прекршочна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и на обезбедување на парично побарување за кое се одлучува во управна или во прекршочна постапка, освен ако за тоа извршување или обезбедување со закон е определена надлежност на друг орган.
Според овој закон, Судот го определува извршувањето врз основа на извршна исправа, која е подобна за извршување во смисла на член 20. Извршувањето заради остварување на парично побарување на правно лице се определува и врз основа на веродостојна исправа. Во смисла на овој закон, веродостојна исправа е фактура, меница, чек со протест и со повратна сметка кога е тоа потребно за засновање на побарување, јавна исправа, извод од заверени деловни книги, според законот заверена приватна исправа и исправа која според посебните прописи има значење на јавна исправа, а како фактура се смета и пресметката на каматата.
Законот за извршната постапка го утврдува правото на правните лица да бараат извршување заради остварување на парично побарување врз основа на веродостојна исправа. Вакво право, физичките лица имаат врз основа на Законот за парничната постапка. Имено, во овој закон како една од посебните постапки е постапката за издавање на платен налог. Според член 446 став 1 од законот, кога тужбеното барање се однесува на доспеано побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или со заверен препис, судот ќе му издаде налог на тужениот да го исплати тужбеното барање (платен налог). Во ставот 2 на овој член утврдено е дека веродостојни исправи се јавни исправи; приватни исправи на кои потписот на обврзникот е заверен од орган надлежен за заверување; меници и чекови со протест и повратни сметки ако се тие потребни за засновање на барањето; изводи од заверени деловни книги; фактури; и исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи. Оттука може да се констатира дека се тоа истите веродостојни исправи кои се наведени и во членот 21 од Законот за извршната постапка од што произлегува дека доверителите – физички лица кога побарувањето е доспеано во пари имаат судска заштита во парничната постапка за разлика од правните лица кои таа заштита ја имаат во извршната постапка. По донесувањето на решението за издавање на платен налог во парничната постапка и по донесувањето на решението со кое е дозволено извршување во извршната постапка, тужениот односно должникот има право на приговор во рок од 8 дена по приемот на решението. Доколку тужениот односно должникот поднесе приговор во законскиот рок, во двата случаи постапката продолжува понатаму како по тужба во парница во која ќе се утврдува дали тужбеното барање е основано или не. Кога приговор не е поднесен од должникот, ниту против решението за издавање платен налог ниту против извршното решение, двете решенија стануваат правосилни и имаат третман на извршна исправа во смисла на член 16 од Законот за извршната постапка и истите се подобни за извршување.
Од изнесените законски одредби произлегува дека извршувањето заради остварување на парично побарување на правно лице и издавањето платен налог на тужениот за да го исплати тужбеното барање се дел од судската постапка определена со закон и не задираат во уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото.
Со тоа што правните и физичките лица овие права ги остваруваат според посебни закони, Судот оцени дека не е повредена уставната определба за еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.