Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 септември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за дополнување на законот за претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Советот на синдикатите на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот закон се воспоставувал нов систем на управување со јавните претпријатија основани од Републиката и нов начин на именување и разрешување на директор на овие претпријатија. Законодавецот немал уставен основ да го пропишува начинот на управувањето и одлучувањето само за јавните претпријатија основани од Републиката туку требало на единствен начин да ги уреди овие прашања за сите јавни претпријатија, независно од основачот на јавното претпријати. Со оспорениот закон бил воспоставен и двоен режим на управување и одлучување со јавните претпријатија, во зависност од тоа дали основач на јавното претпријатие е Републиката или друг субјект. Согласно Уставот на Република Македонија основ за управување и одлучување биле сопственоста и трудот, а оспорениот закон не го обезбедувал овој принцип затоа што сопственоста и трудот не биле рамноправно застапени во управувањето со јавното претпријатие. Оспорениот закон го дерогирал и воспоставениот поредок со важечкиот Закон за претпријатија, во делот за јавните претпријатија, и законските институции за именување на директор на јавните претпријатија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон се дополнува Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е преземен како републички пропис, со тоа што, по членот 24-а се додаваат два нови члена 24-б и 24-в, а по членот 196-ж се додава нов член 196-з.
Според член 24-б од Законот со јавните претпријатија основани од Републиката управува управен одбор. Според ставот 2 од овој член Управниот одбор го сочинуваат претставници на Република што ги именува Владата и работници на јавното претпријатие, а според ставот 3, управниот одбор има 11 члена од кои седум именува Владата, а четири се избираат од редот на вработените врз основа на стручност и компетентност.
Членот 24-в од Законот предвидува дека со јавното претпријатие основано од Република Македонија раководи директор кого го именува и разрешува Владата на Република Македонија.
Според член 196-з од Законот, одредбите од законите со кои се уредени прашањата за начинот и постапката за избор и именување на органите на управување и на работоводниот орган во претпријатијата од посебен општествен интерес основани од Републиката престануваат да важат со влегувањето во сила на овој закон.
4. На подготвителната седница што Судот ја одржа по повод оценувањето уставноста на оспорениот закон подносителот на иницијативата во своето излагање остана на наводите во иницијативата.
Претставниците на Владата на Република Македонија сметаат дека основот Собранието да го уреди управувањето и раководењето во јавните претпријатија основани од Републиката е содржан во членот 24-а од Законот за претпријатијата, а со цел да го заштити државниот капитал и да го обезбеди несметаното работење на овие претпријатија. Притоа, истакнаа дека и јавните претпријатија се стопански субјекти, но дека јавниот карактер на овие претпријатија произлегува од државниот интерес и поради тоа државата, преку уредување на начинот на управувањето, одлучувањето и раководењето за “своите” претпријатија, го обезбедувала државниот, односно јавниот интерес. Уставната ограда, пак, “ужеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон”, не значело забрана државата по основ на капиталот, односно сопственоста да го уреди начинот на управувањето и одлучувањето во “своите” претпријатија, како и другите сопственици на капиталот да ги уредат овие прашања со свои акти.
5. Со ставот 1 на член 58 од Уставот на Република Македонија е прокламирано дека основа за управување и одлучување во претпријатијата и другите стопански субјекти се сопственоста и трудот. Притоа, Уставот во врска со управувањето во претпријатијата и другите стопански субјекти не определува поблиски основи за тоа, ниту упатува дека овој принцип поблиску ќе биде разработен со закон.
Исто така, остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на дејностите или работите на јавните претпријатија повеќе не е уставна категорија. Меѓутоа, според мислењето на Судот тоа што посебниот општествен интерес не е повеќе уставна категорија и не претставува повеќе основ за остварување на влијанието на државата врз вршењето на дејноста на јавните претпријатија, не значи дека во реалниот живот на државата не постои интерес определени односи да се уредат на определен начин заради задоволување определени потреби на општеството или граѓаните.
Согласно член 24-а став 2 од Законот за претпријатијата, јавните претпријатија се основаат заради производство и промет на определени услуги кои се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните или за работа на други претпријатија на определено подрачје или ако е тоа неопходно за работа на органите на општествено-политичката заедница. Согласно ставот 3 на член 24-а од овој Закон јавниот интерес во вршењето на определени дејности се остварува преку пропишувањето од страна на државата на условите што мора да ги исполнува јавното претпријатие заради вршење на својата дејност односно работите од јавен интерес. Тие услови се општи и се однесуваат на сите претпријатија што вршат соодветна дејност, без оглед на нивниот основач и на видот на сопственоста. На тој начин се обезбедува еднаквата правна положба на сите претпријатија затоа што вршењето на соодветната дејност се одвива според исти услови. Меѓутоа, како основен принцип за управувањето и учеството во одлучувањето според членот 58 став 1 од Уставот на Република Македонија е сопственоста и трудот.
Според член 196-б од Законот за претпријатијата, постојните организации на здружениот труд од посебен општестен интерес можат да се организираат како јавно претпријатие со донесување на одлука на надлежната општествено-политичка заедница за организирање. Општествено-политичката заедница учествува во управувањето во јавното претпријатие сразмерно на вложениот капитал, а според ставот 3 од овој член вложениот капитал од страна на општествено-политичката заедница се смета за државна сопственост.
Од означените уставни и законски одредби произлегува дека значајна улога во претпријатието стекнува сопственикот на капиталот. Нему, како вложувач на капиталот му се признаваат права како во поглед на управувањето, така и во поглед на присвојувањето, а тоа значи дека капиталот и трудот се рамноправни основи за стекнување на правото на управувањето што според мислењето на Судот не значи и сразмерна застапеност на членовите на управниот одбор по основ на капиталот и по основ на трудот. Поради тоа Судот смета дека право е на државата во јавните претпријатија основани од Републиката чиј капитал е државен, и не по сила на својот империум, туку по основ на државниот капитал, да го уреди прашањето за управувањето на претпријатието, составот на управниот одбор, раководењето со јавното претпријатие и да го именува и разрешува директорот. Според тоа, оспорениот закон не ги дерогира системските решенија за јавните претпријатија, туку само уредува прашања за кои Републиката е овластена согласно одредбата од членот 196-б од Законот за претпријатијата.
Исто така, Судот оценува дека со оспорениот закон не се создава двоен режим на управување и раководење со јавните претпријатија во зависност од тоа дали се основани од Републиката или други субјекти затоа што, уставната основа за управувањето и учеството во одлучувањето-сопственоста и трудот се однесува на сите претпријатија независно од основачот. Во таа смисла, според мислењето на Судот, доколку основач на јавно претпријатие е друг субјект, а не Републиката, основачот по основ на вложениот капитал и трудот, со свој акт ќе го уреди прашањето за управувањето на претпријатието.
6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.