264/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јули 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за поделба на претпријатието во повеќе посебни јавни претпријатија, донесена од Работничкиот совет на Јавното комунално претпријатие “Комуналец” во Скопје на 8 октомври 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Собранието на град Скопје, му поднесе иницијатива за поведувањепостапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што претставниците на општествената заедница не учествувале во одлучувањето за поделба на претпријатието односно во донесувањето на одлуката, што не било во согласност со Законот за работењето и управувањето на организациите на здружен труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е основачки акт кој не ги уредува на општ начин односите во претпријатието, туку неговата примена се исцрпува еднократно со чинот на поделбата на претпријатието. Поради тоа оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.