212/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 и 7 јули 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 562 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/77, 44/85, 26/86, 74/87, 57/89 и 2/90).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата од Рафаил Черепналкоски адвокат од Скопје, со решение У.бр.212/93 од 16 март 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на член 562 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата согласност со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 562 од Законот за кривичната постапка, одредбата на член 6 од Уводниот закон за Законот за кривичната постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр.40/53), ќе се применува и по 1 јули 1977 година, како ден на влегување во сила на Законот за кривичната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77), врз повторувањето на кривичната постапка правосилно довршена пред 1 јануари 1954 година.

Според членот 6 од Уводниот закон за Законот за кривичната постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр.40/53), одредбите од Законот за кривичната постапка нема да се применуваат на кривичната постапка што е правосилно завршена пред неговото влегување во сила. За повторувањето на таа постапка важат одредбите од Законот за кривичната постапка од 12 октомври 1948 година.

Според членот 294 став 1 од Законот за кривичната постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр.97/48), предлог за повторување на постапката може по своја иницијатива или по молба на странката да поднесе јавниот обвинител на автономната покраина, јавниот обвинител на народната република или јавниот обвинител на ФНРЈ.

Тргнувајќи од наведените одредби од законите (1948, 1954 и 1977), Судот утврди дека при утврдувањето на правото за повторување на кривичната постапка се прави разлика меѓу граѓаните според тоа кога станала правосилна кривичната пресуда по која се осудени. Имено, на граѓаните кои биле осудени со правосилна пресуда пред 1 јануари 1954 година не им е дадена можност да го користат правото на повторување на постапката, туку тоа право е пропишано за јавниот обвинител и тоа по своја иницијатива или по молба на странката. Граѓаните, пак, кои биле осудени, а пресудата станала правосилна по 1 јануари 1954 година, имаат право непосредно да бараат повторување на кривичната постапка.

5. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 98 став 5 од Уставот, постапките пред судовите се уредуваат со закон.

Повторувањето на кривичната постапка е едно од вонредните правни средства со кои се побиваат правосилните одлуки донесени во судска постапка.

Согласно важечките законски одредби, повторување на кривичната постапка може да бара овластено лице само во случаи и под услови предвидени со закон. Барање за повторување на кривичната постапка може да поднесат странките и бранителот, а по смртта на осудениот барање во негова корист можат да поднесат јавниот обвинител или брачниот другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител. Барање за повторување на кривична постапка во корист на осудениот може да се поднесе и откако осудениот ја издржал казната и без оглед на застареноста, амнестијата или помилувањето. Според мислењето на Судот, право на законодавецот е да го предвиди вонредното правно средство повторување на кривичната постапка како легитимно право на осудениот, но кога ќе го предвиди, не може тоа право, имајќи го предвид неговиот карактер и основи за користење, да се ограничи за оние граѓани на кои кривичната постапка правосилно е завршена до 1 јануари 1954 година, а за периодот потоа, без оглед на времето кога станала правосилна пресудата, да се овозможи ова право да се користи без било какви ограничувања. Поради тоа, Судот оцени дека ограничувањето што го поставува оспорената одредба од Законот, во поглед на користењето на правото на повторување на кривичната постапка, зависно од тоа кога станала правосилна кривичната пресуда, ги доведува во нееднаква положба граѓаните, односно дека членот 562 од Законот не е во согласност со членот 9 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.