196/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 29 став 4 од Законот за Центарот за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштита (“Службен весник на СРМ” бр.10/84-пречистен текст).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, д-р Агис Шајновски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 29 став 4 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се овластувал министерот за внатрешни работи да го определува бројот на редовните и вонредните студенти на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

Исто така, во иницијативата се наведува дека, врз основа на тоа овластување, Министерот го известил Факултетот дека уписот на нови студенти во прва година на Факултетот во учебната 1994-95 година да мирува.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 29 од Законот се регулира начинот и постапката на прием на ученици, редовни и вонредни студенти во Центарот. Посебно, со оспорената одредба од став 4 од овој член се предвидува бројот на учениците, редовните и вонредните студенти секоја година да го определува републичкиот секретар за внатрешни работи, по претходно мислење на Центарот.

Согласно член 41 од Законот, ученикот односно студентот кој се школувал за потребите на органите за внатрешни работи, се здобива со право и должност да стапи на работа во овие органи според распоредот на Министерот за внатрешни работи.

Согласно член 52 став 1 од Законот, средствата за финансирање на дејноста на Центарот се обезбедуваат од буџетот на Републиката, во рамките на средствата на Министерствата.

4. Согласно член 46 од Уставот на Република Македонија, на Униветзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на Универзитетот, се уредуваат со закон.

Тргнувајќи од тоа дека вршењето на дејноста на Универзитетот, а во тие рамки и на факултетите, се уредува со закон и дека со членот 41 од Законот завршените студенти се здобиваат со право и должност да стапат на работа во органите за внатрешни работи, со што тој Факултет непосредно се врзува за кадровските потреби на Министерството, Судот оцени дека со добивањето овластување на Министерот да го определува бројот на студентите, по претходно мислење на Факултетот, не се повредуваат означените уставни одредби.

Што се однесува до наводите дека Министерот одлучил да мирува запишувањето на нови студенти на Факултетот, Судот оцени дека тие се однесуваат на примената на Законот, за што, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на став 4 на член 29 од Законот со означените уставни одредби.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.