236/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) член 48 став 3 и 4 и член 153 од Законот за внатрешни работи (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.37/80, 24/88 и 36/91) и

б) Правилникот за определување на работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи што имаат својство на овластени службени лица (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/82).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Младен Китаноски од Кичево, му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив не било предвидено статус на овластено службено лице да имаат и работниците кои раководат со отсек за управни работи во органите за внатрешни работи во градовите во Македонија и што предвидувале зголемен личен доход за 20% само за овластените службени лица, а не и за другите работници во органите за внатрешни работи, што не било во согласност со уставното начело на еднаквост.

3. На седницата, Судот утврди дека со член 48 од Законот е предвидено определени работници на органите на управата надлежни за внатрешни работи да имаат посебни должности и овластувања, односно да имаат својство на овластени службени лица. Понатаму, се определени работниците кои се сметаат за овластени службени лица, при што во оспорениот став 3 од овој член е дадено овластување на министерот за внатрешни работи да пропише и други работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи да имаат својство на овластени службени лица, ако вршат криминалистичко-технички работи и вештачење во службата за јавна безбедност, ако вршат оперативно-технички работи во службата за државна безбедност, ако вршат оперативно-аналитички работи, ако работат на посебни задолженија сврзани со техничките работи на врските или ако раководат со организациони единици. Со ставот 4 е определено дека овластените службени лица кои на такви работи поминале повеќе од 20 години ефективна работа го задржуваат ова својство и тогаш кога по потреба на службата ќе бидат распоредени или преместени на други работи и работни задачи.

Со член 153 од Законот е определено дека на овластените службени лица, заради посебните услови на работа и природата на вршењето на работите на органите на управата надлежни за внатрешни работи, им се обезбедуваат средства за личен доход најмалку за 20% над другите работници во органот.

Со Правилникот за определување работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи што имаат својство на овластени службени лица (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/82), донесен од Министерот за внатрешни работи, се определуваат и други работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи, освен оние што се утврдени со закон, да имаат својство на овластени службени лица.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените уставни одредби произлегува дека постои уставен основ со закон да се уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, а во тие рамки да се пропише и посебен статус на определени работници, во зависност од нивните работни должности и овластувања. Според мислењето на Судот, околноста што работниците во органите на управата за внатрешни работи имаат различни работни должности, различна природа на работата и различни услови за нивното вршење може да биде основа за утврдување на различен статус на нивните вршители. Притоа, работа е на целесообразност кои работни места и задачи ќе бидат утврдени како специфични и врз таа основа на нивните вршители ќе им се утврди својство на овластени службени лица односно ќе им се обезбеди зголемен личен доход заради вршењето на тие работи. Понатаму, според мислењето на Судот, уставното начело на еднаквоста обврзува единствено како забрана тие разлики во статусот да не произлегуваат од полот, бојата на кожата и дргите околности утврдени во член 9 од Уставот.

Поради тоа, Судот оцени дека не е повредено начелото на еднаквост односно дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби и на оспорениот правилник со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.