52/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за определување највисоко ниво на цените на водата од регионалниот водовод “Студенчица”, донесена од Владата на Република Македонија на 5 јуни 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Јавното претпријатие “Комуналец” во Кичево за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Владата немала овластување да го определува највисокото ниво на цената на водата за пиење на регионалниот водовод, бидејќи водоснабдувањето не било утврдено со закон како услуга од интерес за Републиката, поради што Одлуката не била во согласност со Законот за општествена контрола на цените.

3. На седницта Судот утврди дека оспорената одлука престанала да важи, пред поднесувањето на иницијативата, со влегувањето во сила на Одлуката за определување највисоко ниво на цените на одделни комунални услуги, донесена од Владата на Република Македонија на 25 август 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/92), поради што Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за постапување по иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев