207/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа член 110 од Уставот на Република Македонија членовите 71и 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 2, 4, 6 и 9 од Одлуката за утврдување на цените на комуналните услуги на јавното градежно, занатско и комунално претпријатие “Комуналец” во Демир Хисар, донесена на 1 ноември 1989 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на одлуката за утврдување на највисоко ниво на цените на одделни комунални услуги, донесена од Владата на Република Македонија на 5 април 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/93).

3. На Уставниот суд на Република Македонија Болницата за душевни болести во Демир Хисар, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во членовите 2, 6 и 9 од Одлуката била определена различна цена на услугите за различни категории на корисници, што во член 4 од Одлуката било определено корисниците да плаќаат зголемена цена за 40% за посебна намена и што Владата на Република Македонија не била овластена да ја утврдува највисоката цена на комуналните услуги, што не било во согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во членовите 2, 6 и 9 од Одлуката се определени различни цени на услугите што ги врши Претпријатието, во зависност од тоа дали корисници на услугите се индивидуални потрошувачи, установи или претпријатија. Во член 4 од Одлуката е предвидено корисниците на услугите да плаќаат зголемен износ на цената наменет за нови инвестиции и за одржување на водоводниот и канализациониот систем.

5. Со член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, која може да се ограничи само со закон и во точно определени случаи.

Според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), претпријатијата и другите правни лица ги формираат цените слободно според условите на пазарот.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека претпријатијата самостојно ги утврдуваат цените на своите производи и услуги, а во тие рамки и начинот на нивното плаќање, имајќи ги притоа предвид сите фактори на производството и работењето на претпријатието.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените одредби од Уставот и законот.

6. Судот, исто така, утврди дека на седницата од 9 февруари 1994 година, со решение по предметот У.бр.191/93, ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука на Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што за истата работа Судот веќе одлучувал, а по повод на оваа иницијатива не најде основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.