Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистичкиот план за урбаната единица бр.3, станбен комплекс “Кули” во Струга, донесена од Собранието на Општина Струга на 18 ноември 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, група граѓани од урбаната единица бр.3, станбен комплекс “Кули” во Струга, застапувани од Душанка Казанциева од Скопје, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што по неа не бил обезбеден јавен увид и јавна расправа, што не било во согласност со закон.
Воедно, со иницијативата се бара Судот, до донесувањето на конечна одлука, со времена мерка да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Одлуката се предвидува да се изврши измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица бр.3, станбен комплекс “Кули” во Струга.
Членот 2 предвидува овие измени и дополнувања на Планот да бидат составен дел на Одлуката.
Судот, понатаму утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна единица во Струга, обезбедило јавен увид и јавна расправа од 16 до 30 октомври 1992 година и дека со акт на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија бр.20-7259 од 7 декември 1992 година, е дадена согласност за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на Урбаната единица бр.3 на делот од станбениот комплекс “Кули” во Струга.
4. Согласно член 31 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90″ и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Согласно ставот 4 на овој член од Законот, јавната расправа за урбанистичкиот план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија во месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
Согласно член 32 од Законот, урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста на просторните планови и со одредбите на овој закон.
Согласно член 37 став 2 од Законот измените и дополнувањата на просторните и урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивното донесување.
Со оглед на тоа што по оспорената одлука била обезбедена јавна расправа и била дадена согласност од соодветното министерство, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Во врска со барањето за запирање од извршувањето на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на вонредна мерка.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.