Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 49 и 54 од Правилникот за решавање на станбените прашања на работниците, донесен од Работничкиот совет на КПК “Куманово” во Куманово на 16 февруари 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Живка Ивановска, судија во Општински суд во Куманово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 49 и 54 од правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не бил изразен објективниот придонес на работникот во работењето и што биле утврдени одредени болести како тешки, на кој начин се доведувале во нееднаква положба работниците и членовите на нивните семејства кои се болни од други, исто така, тешки билести, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 49 е вреднуван основот работен придонес на работникот, при што се зема остварениот просечен личен доход за последната година по работник во комбинатот и во зависност од тој просек се утврдени бодови. Во член 54 е вреднуван дополнителниот основ здравствена состојба на работникот и на член на неговото семејство, при што за болестите наведени во правилникот се доделуваат определени бодови.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот односно основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека право е на претпријатието со општ акт да ги утврди основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање на стан, а во тие рамки да го предвиди и вреднува работниот придонес на работникот и здравствената состојба на работникот и на членовите на неговото семејство.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 49 и 54 од Правилникот со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.