188/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Конкурсот за запишување студенти во прва година на факултетите и вишите школи на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје и Универзитетот во Битола, во учебната 1993/94 година, објавен од универзитетските совети на двата универзитета, во мај 1993 година и на Решението за утврдување на условите за запишување на студенти во прва година во учебната 1993/94 година со партиципација во финансирањето, донесено од Министерот за образование и физичка култура на Република Македонија, на 23 јуни 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Демократскиот сојуз на просветните работници и граѓаните на Македонија од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката за запишување на студенти во прва година на факултетите и вишите школи, со партиципација, затоа што со неа било предвидено во учебната 1993/94 година, да можат да се запишуваат студенти кои сакале самите да ги поднесуваат трошоците за своите студии, најмногу до 30% од утврдениот број за запишување ан редовни студенти и тие, во зависност од факултето или вишата школа, да плаќаат од 600 до 1300 марки, што било во несогласност со член 44 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека не постои посебна одлука, туку дека условите за запишување студенти со партиципација во финансирањето, се утврдени со конкурсот и решението означени во точката 1 од ова решение. Имено, со нив се утврдува дека: на високообразовните установи како редовни студенти се запишуваат и кандидати кои ги исполнуваат условите за запишување и се согласуваат сами да ги поднесуваат трошоците за своето студирање; услов за запишување на тие студенти е да го положба квалификациониот испит и чиј збир на поени по сите основи не е помал од 60, а високообразовната организација може да врши запишување доколку има слободни просторни капацитети и ако ги исполнува другите материјално-технички и кадровски услови утврдени со закон; бројот на студентите со партиципација во финансирањето изнесува најмногу до 30% од бројот на редовните студенти на високообразовната установа; заинтересираните кандидати поднесуваат барање за запишување и согласност за партиципирање во трошоците за студирање; висината на партиципацијата, изразена во германски марки, во зависност од соодветната наставно-научна област, изнесува од 600 до 1300 марки за четирите групи на високошколските организации; студентите кои се согласиле да се запишат под тие услови, склучуваат договор со високообразовната установа за мегусебните права и обврски во остварувањето на наставно-образовниот процес и во режимот на студирањето, и дека студентите кои ќе се запишат можат да бидат ослободени од натамошно плаќање доколку навреме ги исполнуваат обврските што произлегуваат од наставниот план и програма и од статутот на образовната организација.
4. Според член 44 од Уставот на Република Македонија, секој има право на образование, кое е достапно секому под еднакви услови, а според член 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.
Со член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.
Според член 86 став 1 од Законот за насоченото образовние (“Службен весник на СРМ” бр.16/85,2/86,29/86,7/88,18/89,29/89,10/90,29/90,11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91), план за запишување на студенти изработува секоја организација за насочено образование врз основа на утврдени образовни потреби на организациите, пошироките потреби на општеството и личните интереси на студентите. Според член 191 став 1 алинеја 4 од овој закон, како основ за стекнување доход на високообразовната организација се предвидува и вршењето на услуги и задоволување на образовните потреби на граѓаните.
Според член 196 од Законот, граѓаните можат своите лични потреби и интереси во областа на насоченото образование да ги остваруваат во непосредни односи со организациите за насоченото образование.
Од изнесените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека граѓаните имаат право своите лични потреби за образование, кои неможеле да ги остварат под општите еднакви услови, да ги задоволуваат во непосредни односи со високообразовните установи, за кои имаат интерес, со партиципација во финансирањето, поради што оцени дека таквата можност и условите и критериумите содржани во Конкурсот и Решението не се во несогласност со член 44 од Уставот на Република Македонија и со одредбите на Законот за насоченото образование.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.