Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постгапка за оценување уставноста на членовите 235, 239, 240, 253 и 255 од Законот за процесната постапка, членовите 218 став 1 и 6, 219, 220, 221, 225 став 3, 237, 243 и 259 од Законот за кривичната постапка и членовите 174, 176 став 2 и 3, 177 став 3, 181, 186 став 1, 192 и 193 од Законот за општата управна постапка.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Љубомир Бочваров од Свети Николе за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 12 став 3 од Уставот на Република Македонија, а членот 259 од Законот за кривична постапка не бил во согласност со членовите 11 и 25 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека оспорените одредби од Законот за процесната постапка се содржани во делот за доказите, а се однесуваат на обврската на секое лице што се повикува како сведок да се одзове на поканата и да сведочи, се определуваат случаите кога сведокот не може да одбие да сведочи, начинот на обезбедувањето на неговото присуство доколку бил уредно повикан (доведување и парична казна), како и дејствијата што судот ги презема доколку сведокот одбир да сведочи или да даде одговор на одделно прашање (парична казна и затвор). Исто така, во оспорените одредби е содржано дека определените вештаци се должни да се одзоват на поканата на Судот и да го изнесат својот наод и мислење, условите под кои судот ќе го ослободи вештакот од должноста вештачење, како и казната што следува доколку вештакот не дојде иако е уредно повикан, а изостанокот не го оправда или пак, ако одбие да врши вештачење.
Оспорените одредби од Законот за кривичната постапка се содржани во делот за истражните дејствија, а се однесуваат на испитување на обвинетиот, сослушување на сведоци и вештачење. Оспорените одредби ги содржат прашањата што му се поставуваат на обвинетиот кога првпат се испитува, начинот на поставувањето на прашањата (јасни, разбирливи, несугестивни), можноста за соочување со сведок или со друг обвинет, покажување на доказ откако обвинетиот претходно ќе ги опише, како и можноста да се изврши телесен преглед на обвинетиот без негова согласност ако е потребно да се утврдат фактите важни за кривичната постапка. Понатаму, во оспорените одредби е содржана обврска на секое повикано лице во судот да се одзове на поканата и да сведочи и се уредува присилното доведување, парична казна и казна затвор ако не се одзове на поканата или одбие да сведочи. Исто така, и вештакот кој е уредно поканет е должен да се одзове на поканата и да даде свој наод и мислење, а доколку не дојде или не го оправда својот изостанок може да се казни парично или да биде присилно доведен.
Оспорените одредби од Законот за општата управна постапка се содржани во делот што се однесува на докажувањето, а со нив се пропишува должноста на секое лице повикано како сведок да сведочи, можноста сведокот да се ослободи од должноста да сведочи, соочувањето на сведоците, повикувањето, присилното доведување и казнувањето на сведокот ако не се одзове на поканата или одбие да сведочи. Понатаму, во оспорените одредби е уредено дека секој што има потребна стручна подготовка мора да ја прими должноста на вештак, повикувањето и казнувањето на вештакот доколку не дојде во судот или одбие да вештачи.
4. Според член 12 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена и таа никому не може да му биде ограничена освен со одлука на Судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
Според член 50 став 3 од Уставот, граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедни со други за нивно унапредување и заштита.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 98 став 2 од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во слогласност со Уставот. Според ставот 5, надлежноста на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека уставната забрана за барање изјава не се однесува на сведоците и вештаците, туку на лице повикано, приведено или лишено од слобода во врска со стореното казниво дело, на кое Уставот му гарантира бранител во полициската и судската постапка, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од законите не се во несогласност со членот 12 став 3 од Уставот.
Според сваќањето на Судот, со оспорените законски одредби се пропишуваат обврски за сведоците и вештаците заради утврдување на факти и околности релевантни за одлучување пред судовите и другите државни органи, со што се обезбедува ефикасност на постапката во функција на остварувањето на правата и интересите на граѓаните учесници во постапката.
5. Гарантирајќи ја слободата на човекот како неприкосновена вредност, Уставот на Република Македонија предвидува можност за нејзино ограничување од страна на судовите и тоа само за случаи и во постапка предвидена со закон. Тоа значи дека Уставот дава можност со закон да се утврдат случаите на ограничување на слободата на граѓаните во интерес на остварувањето на правата на граѓаните и вршењето на судската власт.
Со оглед на тоа што со членовите 235, 239, 240, 253 и 255 од Законот за процесна постапка, членовите 218 став 1 и 6, 219, 220, 221, 225 став 3, 237 и 243 од Законот за кривична постапка и членовите 174, 176 став 2 и 3, 177 став 3, 181, 186 став 1, 192 и 193 од Законот за општата управна постапка прецизно се определени случаите во кои со одлука на судот може да се ограничи слободата на човекот и да се изречат процесни мерки на принуда а во функција на обезбедување на сведочењето како доказно средство во постапката пред судовите и другите државни органи, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со членот 12 став 2 од Уставот на Република Македонија.
6. Во однос на согласноста на член 259 од Законот за кривична постапка со членовите 11 и 25 од Уставот, Судот утврди дека лекарскиот преглед, земањето крв и други лекарски дејствија што се преземаат врз обвинетиот и другите лица на чие тело се наоѓаат траги или последици од кривично дело без нивна согласност не претставува мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување и не ја повредува приватноста на личниот и семејниот живот, ниту достоинството и угледот на граѓанинот, бидејќи овие медицински интервенции се преземаат во функција на доказно средство во судската постапка, поради што оцени дека членот 259 од Законот за кривична постапка не е во несогласност со посочените уставни одредби.
При заземањето на ова стојалиште, Судот се раководеше и од Декларацијата за заштита на сите лица од мачење и други облици на свирепа, нечовечка или понижувачка постапка или страдање дејствија кои се преземаат како нужна постапка ако се во рамките на стандардизираните минимални правила за постапување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.