Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 31 и член 32 од Законот за прекршоците (“Службен весник наСРМ” бр.43/84, 42/85, 50/87, 10/88, 36/89, 42/89, 7/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 25/92 и 63/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, М. Димовски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се воведувало пропишување на парични казни за прекршоци во просечна плата во Републиката исплатена во последниот месец, се допуштало драстично зголемување на износите на казните за прекршоци, а со нивните максимални износи, станале неподносливи за граѓаните без оглед на висината на нивните примања или доход. Понатаму, дека ваквото санкционирање на на прекршоците било спротивно на социјалниот карактер на државата, ја загрозувало социјалната положба на граѓаните, се губела од вид хуманоста како темелна вредност на Уставот, се лишувале голем дел од казнетите од можноста за сопствено издржување и за извршување на уставната обврска за издржување на децата, на определен начин се засегнувало уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред законот, со оглед на нееднаквите последици кај секој прекршител, а при казнувањето на лице место ова начело било нарушено во потполност, бидејќи казните биле еднакви за сите казнети без оглед на нивната материјална состојба. Спорните одредби не биле во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 8, член 9 став 2 и член 40 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за прекршоците се утврдуваат правилата за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, се утврдуваат општите услови за прекшочната одговорност, за изрекнувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се уредува прекршочната постапка. Со членовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/92), се изменети членовите 31 и 32 од Законот за прекршоците. Со ставот 1 на оспорениот член 31 од Законот се уредува дека паричната казна може да се пропише во распон, во одреден износ или во сразмер, со ставот 2 дека паричната казна може да се пропише во износ од една половина до 100 плати од просечната плата во Републиката исплатена во последниот месец, објавена од Републичкиот завод за статистика, а со ставот 3 дека со закон, уредба или одлука може да се пропише парична казна во износ: за физичко лице од една половина до двеипол плати, за поединец во вршење на самостојна дејност или професија и на одговорно лице во правно лице од една до петнаесет плати и за правно лице од 20 до 100 плати. Понатаму, со ставот 4 се определува дека за даночни и други прекршоци стерени заради здобивање со материјална корист, како и за прекршоци што претставуваат потешка повреда на законот, со закон може да се пропише парична казна најмногу до двоен износ или во сразмер со висината на причинетата штета, прибавената корист или неизвршената обврска, но најмногу до нивниот дваесеткратен износ, а со ставот 5 дека паричната казна е пропишана во плати, казната се изрекува во денари, така што бројот на плати со кои се казнува сторителот на прекршокот се можни со висината на просечната плата во Републиката исплатена во последниот месец.
Според оспорениот член 32 од Законот, паричната казна што се наплатува на самото место може да се пропише во одреден износ, и тоа за физичко лице до една плата, за поединец во вршење на самостојна дејност или професија и за одговорно лице во правно лице до три плати и за правно лице до десет плати.
Понатаму, Судот утврди дека со одредбите за одмерување на казната (членовите 38 до 43 од Законот), покрај другите општи правила за одмерување на казната, ублажување на казната, прекршочната опомена и друго, е предвидена обврска на судот за прекршоци, при одмерување на паричната казна, да ја земе предвид имотната состојба на сторителот, водејќи притоа сметка за висината на неговиот личен доход, за неговите други приходи, за неговиот имот и за неговите семејни обврски, а при одмерувањето на паричната казна на правното лице, да ја земе предвид економската состојба на правното лице (член 38 став 2 и 4 од Законот).
4.Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е определена и како социјална држава, а според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок се хуманизнот, социјалната правда и солидарноста.
Со член 9 став 2 од Уставот, се утврдува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според ставот 4 на член 54 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на забраната на правната одреденост на казнивите дела и казните.
Според ставот 1 на член 40 од Уставот, Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а според ставот 3 од овој член, родителите имаат право и должност да се грижат за издржување на децата.
Тргнувајќи од тоа дека и со воведениот систем на “просечна плата”, како критериум за одредување на висината на паричната казна, е определен видот на казната, нејзиниот распон и начинот на нејзиното одредување, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот не се негира принципот на предвидена казна, утврден во член 14 став 1 од Уставот, односно на правно одредена казна во смисла на член 54 став 4 од Уставот.
Судот, исто така, утврди дека со воведениот начин на пропишување на паричните казни за прекршоци, како прашања на законодавната и казнената политика, не се нарушува хуманизмот и социјалната правда како темелна вредност на уставниот поредок, не се загрозува социјалната положба на граѓаните, ниту социјалниот карактер на државата.
Со оглед на тоа што при одмерување на казната, се врши нејзина објективизација и индивидуализација, земајќи ја предвид имотната состојба на сторителот, Судот смета дека преку воведениот начин на пропишување на износот на паричните казни за прекршоци, нивниот сооднос и висина, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните.
По однос на наводите во иницијативата за влијанието на високите износи на паричните казни во реално изострените состојби во економско-социјалната сфера, на можноста за издршување на казнените лица и на исполнување на нивната обврска кон лицата што ги издржуваат, Судот оцени дека се тоа прашања на законодавната и казнената политика, а не на уставноста на оспорените одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.