Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржана јавна расправа, на седницата од 1 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на
а) членовите 7 и 8 од Уредбата за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.26/91) и
б) членот 9 од Уредбата за условите и начинот за давање на градежно земјиште на времено користење (“Счижбен весник на СРМ” бр.26/91).
2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Демократскиот форум за заштита на правата и слободите на човекот во Македонија, со Решение У.бр.111/91 од 17 март 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 7 и 8 од Уредбата означена под а) и на член 9 од Уредбата означена под б) во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 27 од Уставот на Република Македонија.
3. На јавната расправа претставникот на Министерството за финансии истакна дека конкурсот односно огласот како начин за доделување на градежно земјиште и за давање на градежно земјиште на времено користење се применувал во случаите кога се доделувало градежното земјиште за изградба на семејни помали деловни згради и за поставување на времени објекти. Предвидувањето на местото на живеење во конкурсот, односно огласот како услов за добивање градежно земјиште имало социјална функција, затоа што на тој начин се решавале егзистенцијални прашања на граѓаните-жители во местото во кое се доделува земјиштето. Притоа, нагласи дека уредувањето на градежното земјиште во градовите, населбите од градски карактер и други подрачја наменети за станбена и друга комплексна изградба, покрај другото, се вршело и со прибирање на средства од граѓаните со самопридонес и на други начини, односно преку надоместокот за употреба на градежно земјиште, доброволно здружување на средства од граѓаните, а во одделни населби надвор од градовите редовно се уредувало со средства од месното население. Според тоа, праведно било граѓаните од тоа место да имаат предност при доделувањето на градежното земјиште и со тоа не се повредувало правото на другите граѓани, затоа што, доколку за земјиштето што се доделувало со конкурс односно оглас, немало учесници или од било кои причини не се изврши доделување, тоа се доделувало со непосредна спогодба или јавно наддавање, при што не се исклучуваат граѓаните кои не се жители на тоа место.
Од страна на учесниците о редот на научните работници беа искажани различни стојалишта. Според едното, со исклучувањето на граѓаните да учествуваат во конкурсот, односно огласот ако не се жители во местото во кое се доделува земјиштето директно не се повредувале уставните принципи утврдени во членовите 27, 35 и 55 од Уставот. Со добивањето на градежното земјиште граѓаните се стекнуваат со стварни права, кои не се услов за остварување на уставното начело за слободно движење на граѓаните на територијата на Република Македонија и за слободен избор на местото на живеење. Според ова стојалиште, со оглед на тоа што граѓаните имаат свој придонес во уредувањето на градежното земјиште треба да имаат посебни права и при неговото доделување, поради што се смета дека оспорените одредби можат да имаат своја основа во начелото на социјалната праведност, утврдено во членот 35 од Уставот.
Според другото стојалиште, со оспорените одредби граѓаните се исклучуваат од учество на конкурсот, односно огласот за добивање на градежно земјиште, а не дека е во прашање приоритет при доделувањето на земјиштето. Членот 35 од Уставот не можел да биде основа за оспорените одредби, затоа што со нив се востановувале територијални, а не социјално-економски критериуми. И според ова стојалиште оспорените одредби директно не го повредувале уставното право на граѓанинот слободно да се движи и да го избира местото на своето живеалиште, но во принцип располагањето со сопствен стан и деловен простор како услов за работа и живеење, посредно задира во остварувањето на овие права на граѓаните.
4. На седницата Судот утврди дека според оспорените одредби од Уредбата за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште, услов за учество на учесниците на конкурсот за доделување на градежно земјиште за изградба на семејни станбени згради и за деловен простор е да се жители во местото во кое се доделува градежното земјиште.
Судот, исто така, утврди дека според оспорената одредба од Уредбата за условите и начинот за давање на градежно земјиште на времено користење, услов за учество на учесниците на огласот за давање на времено користење на градежно земјиште е да бидат жители во местото во кое се дава земјиштето на користење.
5. Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, а остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Според член 25 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, а според член 57 од Уставот Републиката се грижи за порамномерен просторен и регионален развој.
Од наведените уствни одредби произлегува дека на граѓаните им се гарантира слободата на движење на територијата на Републиката и слободата на избор на живеалиштето, при што Републиката е обврзана да води грижа за порамномерниот и просторен и регионален развој на Републиката и за социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото за социјална праведност.
Според член 9 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79 и 21/91), земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба, за кои е донесен урбанистички план, е на Републиката, а според член 14 од Законот за градежното земјиште, републичкиот орган надлежен за имотноправните работи, може градежното земјиште на Републиката да го даде на времено користење. Условите и начинот за давање на земјиштето на времено користење ги пропишува Владата на Република Македонија. Според член 36 од означениот закон, градежното земјиште со кое управува Републиката го доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти. Доделувањето го врши Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија. Според членот 37 од законот градежното земјиште се доделува со непосредна спогодба, со јавно наддавање и со конкурс. Средствата што се остваруваат од доделувањето на градежното земјиште се приход на Републиката, а се користат за надоместување на трошоците за уредувањето на градежното земјиште во општината во која се остваруваат.
Според членот 37-а од законот, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште ги пропишува Владата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека Републиката е сопственик на градежното земјиште и дека Владата е овластена да ги утврдува условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште и за давање на градежно земјиште за времено користење, при што Судот смета дека може да утврдат и такви услови кои се во функција на остварувањето на грижата на Републиката за социјалната сигурност на граѓаните и за порамномерниот просторен и регионален развој на Републиката, утврдени во членовите 35 и 57 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од означените Уредби не се во несогласност со член 27 од Уставот, затоа што со доделување на градежното земјиште по пат на конкурс односно оглас не се исклучуваат другите можни начини за доделување на градежно земјиште на користење, ниту пак, се ограничуваат другите услови за избор на живеалиште во определено место и дека преку погодностите на граѓаните во местото на живеење им се овозможува по пат на конкурс односно оглас да го решат станбеното прашање, како егзистенционално прашање, се обезбедува водење на активна социјална политика и политика на просторниот и регионалниот развој на Републиката.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.