Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржана јавна расправа, на седницата одржана на 24 ноември 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1.СЕ УКИНУВА член 4 од Законот за Владата на Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), во делот кој се однесува на потпретседателите на Владата.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.67/93 од 28 април 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека во член 4 од Законот е предвидено Владата да ја сочинуваат претседател, еден или повеќе потпретседатели и членови (министри) кои раководат соминистерствата или вршат други работи што ќе им ги довери Владата. Според членовите 14 и 17 од Законот, Владата ја избира и разрешува Собранието на Републиката со мнозинство гласови на сите пратеници, а согласно член 21 од Законот во случај на отсутност или спреченост претседателот на Владата го заменува еден од потпретседателите, според распоредот што ќе го утврди претседателот. Претседателот на Владата на потпретседателите може да им довери вршење на определени работи од негова надлежност, а во член 24 од Законот е предвидено дека претседателот, потпретседателот и членовите на Владата уживаат имунитет како и пратениците во Собранието.
Понатаму, Судот утврди дека означениот закон е донесен пред Уставот на Република Македонија, а основ за неговото донесување беше Амандманот 76 точка 1 став 2 од Уставот на Ср Македонија од 1974 година, во кој беше предвидено дека Владата на СР Македонија ја сочинуваат претседател, еден или повеќе потпретседатели и членови (министри).
На јавната расправа од учесниците во расправата беа изнесени две спротивставени мислења за уставноста на оспорената законска одредба. Според едното мислење, оспорената одредба од Законот не е во согласност со Уставот, затоа што не постои уставен основ потпретседателите на Владата, како посебна функција која не е предвидена со Уставот, да се предвиди со закон и дека функцијата претседател на Владата не може да се смета како организационо прашање, туку тоа влегува во определување на составот на Владата. Според другото мислење, оспорените одредби од Законот не се во несогласност со Уставот, затоа што во Уставот бил утврден само составот на Владата, но не биле утврдени правата и должностите на членовите на Владата, па според тоа со Законот можат да бидат утврдени правата и обврските на членовите, односно на министрите, а во тие рамки и на потпретседателите како членови на Владата. Потпретседателите на Владата биле само носители на посебни права и обврски како членови на Владата, со цел за поефикасно извршување на нејзините функции, односно потпретседателите на Владата требало да бидат сфатени како министри со посебни права и обврски, а утврдувањето на правата и обврските на членовите на Владата било организационо прашање, кое според член 89 став 6 од Уставот се уредува со закон.
5. Според член 89 од Уставот на Република Македонија Владата ја сочинуваат претседател и министри,при што не се предвидени потпретседателите. Понатаму, во овие уставни одредби е предвидено дека претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието, дека тие уживаат имунитет, а за имунитетот одлучува Владата. Претседателот и министрите не подлежат на обврска во вооружените сили и функцијата претседател и министри е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон.
Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба е утврден поинаков состав на Владата од составот предвиден со Уставот, а не се решава организационо прашање, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените уставни одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.