Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија ,член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија “ бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на “актот на Владата на Република Македонија со кој се согласи за прием на Република Македонија во членство на Организацијата на Обединетите нации под име “бивша југословенска Република Македонија”.
2.Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3.На Уставниот суд на Република Македонија ,ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство-Скопје , му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија , спротивно на своите уставни овластувања , го донела спорниот акт и со писмо го известила Советот за безбедност на ООН дека е согласна нашата држава да стапи во членство на ООН под привремено и провизорно име “бивша југословенска Република Македонија “, иако од Собранието на Република Македонија била донесена Одлука за стапување на Република Македонија во членство на Организацијата на обединетите нации под своето уставно име .Со таквиот акт, пречекорувајќи ги своите уставни овластувања, Владата го повредила Уставот, а особено членот 1 од Уставот на Република Македонија по однос на името на Република Македонија.
4.По повод наводите содржани во иницијативата , Владата на Република Македонија , на Уставниот суд му достави мислење утврдено на седницата од 4 октомври 1993 година, во кое се наведува дека Република Македонија е примена во членството на ООН по барање на Претседателот на Република Македонија , врз основа на Одлуката на Собранието на Република Македонија под бр.08-3157/1, донесена на седницата на Собранието , одржана на 29 јули 1992 година, што било во согласност со член 121 на Уставот на Република Македонија.
Понатаму, се наведува дека Владата на Република Македонија до денес не донела акт со кој се согласила нашата држава да биде примена во членство на ООН под друго име од уставното – Република Македонија.Според тоа, се нагласува дека не постои акт на Владата или друг државен орган на Република Македонија , во смисла на барањето содржано во иницијативата ин е постојат други документи со кои е изразена волја за прифаќање на начинот на обраќањето на ООН кон Република Македонија.
Исто така, во мислењето се наведува дека во точка 2 од Резолуцијата 871 на Советот за безбедност на ООН , во врска со барањето на Република Македонија да биде да биде примена во членство на ООН, Советот “му препорачува на Генералното собрание на ООН –државата, чие барање е содржано во документот Ѕ/25147, да биде примена во членство на ООН, на оваа држава привремено ќе и се обраќаме за сите цели во рамките на ОН како на “поранешна југословенска Република Македонија”, се додека не се разрешат разликите што настанаа во врска со името на државата. Од ова јасно произлегуваат дека изразот “поранешна југословенска Република Македонија не може да се свати како име на нашата држава, туку тој е само привремено решение за комуникација со нашата земја во рамките и за потребите на ОН, до окончување на спорот со Република Грција.
На крајот од мислењето, се наведува дека ниту Владата, ниту друг државен орган на Република Македонија немал потреба да донесува одлука за тоа дека се согласува или не Република Македонија да биде примена во членство на ООН под друго име од уставното.
5.Судот на седницата , врз основа на мислењето на Владата на Република Македонија и другите прибавени документи, утврди дека не постои пропис односно општ акт во уставно-правна смисла,донесен од Владата на Република Македонија, со кој е изразена согласност за прием на Република Македонија во членство на ООН под привремено и провизорно име “бивша Република Македонија “, поради што оцени дека не постојат процесни претпоставки за водење на уставно-судска постапка.
Истовремено, Уставниот суд оцени дека не се и не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена одделните политичко-дипломатски дејствија и активности на Владата на Република Македонија, преземени во процесот на меѓународното признавање на Република Македонија, во својство на извршна власт во областа на меѓу народните односи, како преговарање и подготовка за конечна и компетентна одлука на надлежниот орган на државата.
6. Во врска со наводите во иницијативата дека Владата ги пречекорила своите уставни овластувања со споменатите активности, и за евентуални негативни последици во врска со зачленувањето на Република Македонија во ООН под условите содржани во предлог-Резолуцијата на Советот за безбедност, Судот смета дека со нив навлегува во прашањето на политичката одговорност, за која, согласно член 110 од Уставот, Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ , д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.
У.бр. 111/93
10 ноември 1993 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
м-р Јордан Арсов