176/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локација за изградба на бензиска пумпа, донесена од Собранието на Општината Крушево на 21 јуни 1993 година (“Службен гласник на Општина Крушево” бр.3/93).
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” ви во “Службен гласник на Општина Крушево”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.176/93 од 29 септември 1993 година, по повод поднесена иницијатива од повеќе граѓани на Крушево, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
Истовремено, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување конечна одлука на Судот.
5. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се утврдува општиот интерес за изградба на бензиска пумпа и се определува локацијата за таа намена и тоа дел од КП бр.1245 во КО Крушево – место викано “Град” со вкупна површина од 1.500 м2, како и се определува земјиштето што му припаѓа на објектот за негова редовна употреба. Понатаму, од графичкиот приказ на оспорената одлука и од Деталниот урбанистички план, Судот утврди дека изградбата на бензиска пумпа се предвидува на местото определено за изградба на кружен сообраќањн приклучок.
6. Со член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) се пропишува дека со планирањето на просторот се обезбедува планско и рационално користење и уредување на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и унапредување на човековата околина.
Условите за уредување и користење на просторот и за изградба на населените места, согласно член 12 став 1 од Законот, се утврдуваат во просторниот и урбанистичкиот план, а со урбанистичкиот план, согласно член 18 став 1 од Законот, се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови заизградба на објектите и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период.
Во член 54 од Законот се утврдува дека за населените места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени, односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од означената законска одредба произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот, собранието на општината може да го користи само ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Во конкретниот случај, просторот на кој е определена локацијата за изградба на бензиска пумпа е уреден со Детален урбанистички план во кој се содржани елементи за утврдување услови за градба, односно е предвиден за изградба на кружен сообраќаен приклучок, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 54 став 1 од Законот. Доколку, пак, Собранието на Општината врши измени на Планот, должно е да ја спроведе постапката пропишана со Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Со оглед на тоа што ја укина оспорената одлука, Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братоауб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.