83/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.90/92, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 20 јануари 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Алаедин Тоска од Скопје, за преиспитување на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што, при донесувањето на Одлуката на Судот, не била земена предвид целокупната документација на која била дадена претходна согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија и врз основа на што можело да се утврди дека согласноста била дадена и за укинатите одлуки.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот на седницата повторно утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, со акт бр.08-492 од 9 декември 1991 година, дало согласност на предлогот на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за град Гостивар предвидени во доставената документација и дека потоа, на 18 декември 1991 година, е донесена Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар. Понатаму, Судот повторно утврди дека на 4 јануари и 13 февруари 1992 година се донесени одлуки за дополнување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за изменување и дополнување на Планот од 18 декември 1991 година, за кои Министерството нема дадено нова согласнос, туку се повикуваат на согласноста од 9 декември 1991 година.
4. Според член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) урбанистичкиот план, пре донесувањето, задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите од овој закон, а според ставот 2 на член 37 од Законот измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивното донесување.
Од изнесените законски одредби произлегува дека претходна согласност мора да се обезбеди за секоја одлука за изменување и дополнување на урбанистичкиот план. Во таа смисла, Собранието на Општината Гостивар било должно да побара претходна согласност за измените и дополнувањата на урбанистичкиот план содржани во укинатите одлуки, а Министерството да оцени дали постојат услови за давање таква согласност. Во овој случај така не било постапено односно за одлуките донесени на 4 јануари и 13 февруари 1992 година ниту била побарана, ниту дадена претходна согласност. Затоа, објаснувањата на Министерството содржани во дописите од 7 јули и 5 октомври 1993 година дека измените и дополнувањата соодветставуваат на урбанистичката документација на која била дадена претходна согласност на 9 декември 1991 година, не се од влијание за донесување поинаква одлука на Уставниот суд, бидејќи врз основа на таа согласност е донесена одлука за измени и дополнувања на урбанистичкиот план на град Гостивар на 18 декември 1991 година и со тоа нјзиното правно дејство е исцрпено. Оваа констатација на Министерството може да биде од значење само при евентуална нова постапка за измени и дополнувања на урбанистичкиот план на соодветните локалитети.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.