Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 октомври 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за усогласување на градежниот реон на град Битола, донесена од Собранието на Општина Битола на 11 мај 1993 година (“Службен гласник на Општина Битола” бр.3/93).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Основниот урбанистички план на град Битола.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Пенка Митровска од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Собранието на Општина Битола не било надлежно за нејзиното донесување и затоа што таа не била во согласност со Основниот урбанистички план на град Битола, бидејќи го намалувала градежниот реон предвиден со тој план.
4. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Одлуката се усогласува градежниот реон на град Битола, со член 2 конкретно се утврдуваат границите на земјиштето опфатено во градежниот реон, со катастарски податоци за парцелите, а со член 3 се уредува влегувањето во сила и објавувањето на одлуката.
5. Според член 9 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/89, 17/79, 38/80, 18/89 и 21/91), земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката. Со став 2 е уредено дека, границите на опфатеното земјиште од став 1 на овој член, со катастарски податоци за парцелите, ги утврдува собранието на општината.
Од изнесената законска одредба јасно произлегува надлежноста на собранието на општината за донесување на оспорената одлука, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за градежно земјиште.
6. По однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената одлука со Основниот урбанистички план на град Битола, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка ЦиривиричАнтоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичкови, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.