154/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 32 став 2 и член 36 став 1 од Законот за задругите (“Службен лист на СФРЈ” бр. 3/90 и 11/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, А.Д.Агрокомбинат “Лозар” од Титов Велес, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се одземале односно ограничувала сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, што не било во согласност со членовите 30, 58 и59 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби се уредува преодниот режим во примената на законот врз постојните задружни организации и деловите на претпријатијата настанати врз основите на поранешните задруги, како и статусот на нивниот имот и дека пропишаните рокови за нивната трансформација, согласно со законот, се изминати пред донесувањето на Уставот на Република Македонија. Судот, исто така, утврди дека со член 3 став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93), трансформацијата на задругите ќе се врши според посебен закон.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека е исцрпена содржината на оспорените законски одредби и тие повеќе не претставуваат правна основа за содавање на нови права и обврски на правните субјекти, поради што оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на нивната согласност со Уставот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терузиева-Тројачанец.