181/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 44 став 5 и 6 од Законот за заштита и користење на земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/86, 15/88 и 28/91) и
б) Решението за утврдување на висината на зголемената вредност на земјоделското земјиште, донесено од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на 21 април 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.181/91, од 21 април 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 44 став 5 и 6 од законот означен во точка 1 под “а” од оваа одлука и на решението означено во точка 1 под “б” од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 44 став 5 од Законот е пропишана обврска за сопственикот кој оттуѓува земјоделско земјиште, износот на средствата што одговара на зголемената вредност на земјиштето како резултат на вложувањата на општествени средства, што го добил на име цена, да го уплати на посебна сметка, пред заверката на потписите на странките на договорот за купопродажба на земјиштето од надлежниот суд. Со став 6 на овој член е овластено Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја утврдува висината на зголемената вредност на земјиштето, што е резултат на вложените средства и новосоздадените погодности во користење на земјиштето обезбедени со тие вложувања (изградени системи за наводнување и одводнување, магистрални и други приодни патишта и слично).
Понатаму, Судот утврди дека со оспореното решение е утврден износот на средствата што одговараат на зголемената вредност на земјиштето и тоа: за изградени системи за наводнување и одводнување-15%, за магистрални и други приодни патишта-10% и други случаи -15%, што при оттуѓување, неговиот сопственик е должен да го плати. Процентите се пресметуваат на даночната основица на данокот на промет на земјоделското земјиште.
На јавната расправа претставникот на подносителите на иницијативата посебно истакна дека начинот на определување и на плаќање на издвојувањето од продажната цена на земјиштето не е во согласност со Устав и со закон.
Претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакна дека со оспорените законски одредби не се ограничуваат, ниту одземаат правата кои произлегуваат од сопственоста и доколку не би постоеле овие законски одредби би биле оштетени другите сопственици на чие земјиште нема општествени вложувања, а сопствениците што отуѓуваат земјиште неосновано би се здобиле со екстра профит. Овој надоместок всушност претставувал мерка за заштита на земјоделското земјиште како добро од општ интерес.
Претставниците од науката изнесоа мислење дека оспореното издвојување има основ во имотното право кое не го допушта неоснованото збогатување. Исто така, беше изнесено и мислење дека ставот 6 на член 44 од Законот давал големи овластувања на министерот без определување на рамки за овластувањето за утврдување на зголемената вредност на земјиштето. Со оглед на намената на средствата што се издвојуваат, изразија мислење дека тоа издвојување може да претставува мерка за посебна заштита на земјиштето како добро од општ интерес во смисла на член 56 од Уставот.
5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е и правната заштита на сопственоста, која се гарантира со член 30 од Уставот и која создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Притоа, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката се обврзува да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот може да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 56 од Уставот земјиштето е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита.
Од изнесеното произлегува дека Уставот ја гаранција сопственоста и нејзината заштита, а во тие рамки и сопственоста на земјоделското земјиште како добро од општ интерес и не дозволува сопственоста и правата што произлегуваат од неа да бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Исто така, од изнесеното произлегува дека со Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во тие рамки и на прометот на земјиштето, што подразбира обезбедување право на сопственикот да го оттуѓи земјоделското земјиште и да обезбеди соодветна противвредност според пазарните услови.
Со оглед на тоа што со издвојувањето на износот на средствата што одговара на зголемената вредност на земјоделското земјиште како резултат на вложувањето на општествени средства се намалува износот на средствата што сопственикот би ги добил како пазарна цена за земјиштето што произлегува од правото на располагање со сопственоста, како и со оглед на тоа што вложените средства од страна на заедницата за изградба на системи за наводнување и одводнување, за магистрални и регионални патишта и за други објекти поради кои се зголемува вредноста на земјоделското земјиште делумно и се враќаат на заедницата преку плаќање на разни надоместоци и придонеси за користење на хидромелиоративните системи, за употреба на патиштата и слично (член 137 и 145 од Законот за водите и член 95 и 96 од Законот за патишта и друго), Судот оцени дека со оспореното издвојување со ограничуваат правата кои произлегуваат од сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Ова и поради тоа што, според мислењето на Судот, оспореното издвојување не претставува мерка за заштита на земјоделското земјиште како добро од општ интерес во смисла на член 56 од Уставот, затоа што сопственикот на земјоделското земјиште се обврзува да издвои соодветен износ од цената што ќе ја добие при продажбата на земјиштето, а не да преземе конкретни мерки за заштита на земјиштето.
Исто така, според мислењето на Судот, оспореното изведување на може да се подведе под институтот неосновано збогатување, затоа што сопственикот што го оттуѓува земјиштето не се наоѓа во поинаква правна положба од другите сопственици кои ги користат новосоздадените погодности на земјиштето со кое располагаат обезбедени со општествени вложувања.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со членовите 30 и 55 од Уставот.
6.Понатаму, Судот оцени дека со укинувањето на став 6 од член 44 на Законот повеќе нема законско овластување за уредување на прашањата содржани во оспореното решение од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.