94/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.225/92, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ванчо Стојановски и Крсте Николовски од Битола му поднесоа иницијатива со барање Судот да ја преиспита одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Судот погрешно утврдил дека за новоформираните КП.бр.4751/3 и КП.бр.4751/4 се одзело дел од дворното место на објектите изградени на Булевар “1-ви Мај” бр. 30 и 30-а, иако со правосилна пресуда на надлежниот суд било докажано дека тоа земјиште и припаѓало на општината односно било самоволно узурпирано; дека за означените спорни парцели Одборот за урбанизам и станбено-комунални работи утврдил предлог тоа земјиште да остане во општествена сопственост и дека тој предлог бил усвоен на 42-та седница на Соборот на месните заедници и на Соборот на здружениот труд кога одлучувале за усвојувањето на Деталниот урбанистички план за станбената заедница бр. 5 во Битола.
3. На седницата Судот утврди дека Одборот за урбанизам и станбено-комунални прашања на Собранието на Општината Битола на 8 јуни 1990 година, во врска со одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за станбената заедница бр.5 во Битола, заклучил да му предложи на Собрнаието земјиштето кое ги опфаќа оспорените парцели да остане во општествена сопственост. Исто така, Судот утврди дека на 42 седница на Соборот на месните заедници и Соборот на здружениот труд, одржани на 12 јуни 1990 година, било расправено за спорните катастарски парцели, но од записниците на двата собора не произлегува дека е усвоен извештајот со предлогот на Одборот за урбанизам за формирање на нови градежни парцели, односно тоа земјиште да остане во општествена сопственост, што се потврдува и со фактот дека измените на планот за формирање на нови парцели се направени врз основа на Заклучокот на Одборот за урбанизам, а не врз основа на Одлуката на Собранието на Општината.
Со оглед на тоа што фактичката состојба остана непроменета односно се извршени измени на Деталниот урбанистички план за станбената заедница бр. 5 во Битола во делот што се однесува на КП.бр.4751/3 и 4751/4 во Битола од ненадлежен орган и без да се спроведе постапката предвидена со закон, Судот не најде основи за поинакво одлучување по барањето за преиспитување на својата одлука.
Во врска со наводот во иницијативата дека Судот погрешно ја утврдил фактичката состојба во поглед на прашањето чие е земјиштето на спорните катастарски парцели, Судот оцени дека тој факт не бил од значење за неговата одлука (У.бр.225/91), туку, постапката што мора да се спроведе за неговото урбанистичко уредување. Со ваквата одлука на Судот не се негира правото на собранието, во постапка утврдена со закон, урбанистички да го уреди спорното градежно земјиште односно да одлучи дали земјиштето ќе остане како дворно место или ќе определи друга намена.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова Решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.