33/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 од Тарифниот систем за измени и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен весник на СРМ” бр.48/89).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трајче Арсов од Титов Велес и Цвета Костова од Кавадарци, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се задолжени потрошувачите да плаќаат надоместок за пресметковна моќ на електричната енергија во висина од 33,33%, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлука У.бр.118/76 од 8 јули 1989 година го укинал член 30 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен весник на СРМ” бр.45/82, 15/85 и 22/88), затоа што основниот придонес за пресметковната моќ на електрична енергија се плаќал независно од стварно потрошената електрична енергија, што не било во согласност со начелото на еднаквата вредност на взаемните давања утврдено во Законот за облигационите односи и со Законот за енергетика. Понатаму, Судот утврди дека член 30 од означениот тарифен систем е заменет со член 1 од Тарифниот систем, за измени и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија и дека со решение У.бр.12/90 од 23 мај 1990 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на овој тарифен систем, затоа што утврдил дека со начинот на кој со изменетиот член се утврдува основниот придонес за пресметковна моќ за продажба на електрична енергија кај категоријата домаќинства се обезбедува тој да се плаќа сразмерно на потрошената електрична енергија (квтч.) во секој пресметковен период, што не е во несогласност со Законот за облигационите односи и со Законот за енергетика.
4. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.