У.бр.209/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за обезбедување средства за исплата на електрична енергија и улично осветлување во градот и за компензација на трошоците за одржување, донесена од Собранието на Општината Дебар на 31 јули 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Дебар”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.209/92 од 21 април 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата, Судот утврди дека во член 1 од оспорената одлука се пропишува начин за обезбедување на средства за исплата на електрична енергија за улично осветлување во градот и за компензација на трошоците, а според член 2 од Одлуката, средствата се обезбедуваат од потрошувачите на електричната енергија-иматели на броила како месечен придонес по броило. Во членовите 3-9 од Одлуката се утврдува висината на средствата и начинот на нивното прибирање.

5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а согласно член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства на Републиката.

Согласно член 4 од Законот за системот на финансирање на општите општествени и заеднички потреби (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91, 55/91, 21/92 и 36/92), општините обезбедуваат средства за финансирање на потребите и за извршувањето на задачите и работите што врз основа на Уставот и законот се должни да ги финансираат, а тие потреби се финансираат од изворите на приходите кои се обезбедуваат со плаќање на даноци, такси и други давачки утврдени со закон.

Со оглед на тоа што со закон не е предвидена можност општината да воведува посебен данок или друга јавна давачка за финансирање на улично осветление, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Судот оваа одлука ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.