У.бр.39/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 37-ѓ од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ бр.23/82,77/82,75/85,8/87,65/87,87/89,44/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.10/92).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.39/93 од 29 април 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со точка 5 на член 37-б од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување е предвидени осигуреникот со преостаната работна способност да има право на надоместок на личниот доход во случаите кога е распореден на друга соодветна работа. Со оспорениот член 37-ѓ е пропишано паричниот надоместок да се определува во височина на разликата меѓу валоризираниот месечен личен доход што осигуреникот го остварил во годината на осигурувањето која и претходни на годината во која настанала инвалидноста и просечниот месечен личен доход што тој го остварува на друга работа на која потоа е распореден.

Судот, исто така, утврди дека со член 37 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/83,4/87,4/89,15/90 и 36/91) е определено осигуреникот кој е распореден на други соодветни работи и работни задачи да има право на паричен надоместок во висина на разликата помеѓу чистиот личен доход што би го остварил на поранешните работи и работни задачи и чистиот личен доход што го остварува на работите и работните задачи на кои е распореден.

5. Со член 34 од Уставот е гарантирано правото на грашаните на социјална сигурност и социјално осигурување, при што е определено дека тие права се утврдуваат со закон и со колективен договор. Според член 34, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, а на инвалидните лица им се обезбедува посебна заштита и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се утврдуваат со закон, а Републиката има обврска, согласно начелото на социјална праведност, да обезбедува посебна заштита на инвалидните лица.

Според мислењето на Судот, смислата на наведените уставни одредби е обезбедување на што поповолни услови за живот и работа на инвалидите на трудот.

Оспорената законска одредба го утврдува основот за определување на надоместокот на личниот доход на инвалидите – работници, кога тие со преостаната работна способност се прераспоредуваат на други работни места. Со оглед на тоа што условот за утврдување на надоместокот на личниот доход на работниците со преостаната работна способност утврден со оспорената одредба од преземениот сојузен закон, според оценката на Судот, е понеповолен од основот за утврдување уреден со наведената одредба од републичкиот закон, оспорената законска одредба го доведува во прашање остварувањето на посебната заштита на инвалидите на трудот во Републиката. Поради тоа, Судот оцени дека таа не е во согласност со членовите 34 и 35 од Уставот.

Освен тоа, според мислењето на Судот, смислата на преземањето на сојузните прописи, како републички, согласно член 5 од Уставниот закон, е републичкиот правен порадок да се дополни со сојузните прописи во оние области во кои воопшто не се уредени соодветните односи, или не се уредени потполно. Во таа смисла, наведената одредба од Уставниот закон за преземање на поранешните сојузни прописи, може да значи само дополнување на правните празници во постојниот републички правен поредок, а не и да биде основ за воспоставување на двоен правен режим по одделни прашања.

Судот оцени дека, во услови кога прашањето за основот на утврдување на надоместокот на личниот доход на работниците со преостаната работна способност рапределени на други работни места е целосно уредено со републичкиот закон, не можат да опстанат во правниот поредок одредбите од сојузниот закон со кои се уредуваат истите прашања. Поради тоа, Судот оцени дека оспорените одредби од Сојузниот закон не се во согласност и со член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Издвоено мислење по предметот У.бр.39/1993