163/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за основи и мерила за распределба на станови, донесен од претседателот на Општинскиот суд во Охрид на 28 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Билјана Спировска од Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен од претседателот на Судот и што работниот придонес како основ за учество на работниците во распределбата на станови не бил правилно утврден, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот правилник се определени основни и дополнителни критериуми за учество на работниците во распределбата на станови. Како основни се предвидени степенот на станбена загрозеност, работниот придонес и пензискиот стаж, а како дополнителни – материјалната состојба на работникот и членовите на неговото потесно семејно домаќинство и семејната и здравствената состојба на работникот и членовите на неговото потесно семејно домаќинство.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 52 од Законот за основните права од работен однос, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно колективниот договор.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91) давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенството за давање стан на користење.
Од изнесените одредби произлегува дека е право на функционерот кој раководи со органот на управата односно на претседателот на Судот да ги уредува распределбата и користењето на средствата, а во тие рамки да ги утврди и критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања на работниците.
Со оглед на тоа што во оспорениот правилник се предвидени основи и мерила за учество на работниците во распределбата на станови, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените одредби од законот.
5. Што се однесува до барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, Судот, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, оцени дека не се исполнети условите за одредување ваква мерка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.