Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонијаи член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Одлуката за раздружување на деловни простории донесена од Собранието на Самоуправната интересна заедница за становањето во Тетово на 25 април 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Надежда и Томчо Иговски од Тетово му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што деловните простории кои се раздружуваат со оспорената одлука биле општонароден имот и Собранието на Самоуправната интересна заедница на становањето во Тетово немало законска основа да донесува одлука за нивно раздружување.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се раздружуваат деловните простории сопственост на “Тетекс” во Тетово на ул.”Илинденска” бр.63 и 65 во Тетово.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.
Судот на седницата утврди дека оспорената одлука не претставува пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за нејзината законитост.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.