Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесеп
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 16 точка 1,2 и 3 од Правилникот за решавање на станбените прашања, донесен од работничкиот совет на Претпријатието Металски завод “Тито” во Скопје, на седницата одржана на 14 мај 1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 16 точка 4 и 5 и член 65 точка 1 став 2 од правилникот означен во точка 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Илија Петровски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од правилникот означен во точка 1 и 2 од ова решение, затоа што ги предвидел случаите кога работникот го има решено станбеното прашање, и што како критериум за решавање и основ за исклучување од распределбата на станови го утврдувал поседувањето на стан и викендица на целата територија на СФРЈ, а не во местото на живеење и што содржат обврска потстанарскиот однос да се докажува со договор за користење на стан, што не било во согласност со Законот за станбени односи.
4. На седницата Судот утврди дека во член 16 точките 1,2 и 3 од Правилникот се утврдени случаите кога се смета дека работникот го има решено станбеното прашање и тоа: работник кој има соодветен стан во општествена сопственост, или се стекнал со таков во текот на постапката, работник кој имал стан во општествена сопственост па останал без стан по негова вина или своја волја, освен во случаите кога станарското право го изгубил поради развор на брак и работник кој има во сопственост куќа или стан како дел од куќа кој се смета како соодветен стан или таков стан или куќа имал неговиот брачен другар или малолетно дете, па го продале или на друг начин по своја волја го оттуѓиле, а истите ги користеле или можеле да ги користат.
5. Според член 42 и 42-а од Законот за станбени односи (“Службен весникна СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот односно основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на претпријатието со општ акт да ги утврди условите и начинот односно основите и мерилата за учество на работниците во распределбата на средствата за заедничка потрошувачка, а во тие рамки да ги предвиди и случаите кога работникот го има решено станбеното прашање, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со означените законски одредби.
6. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.175/90 од 6 февруари 1991 година и со Одлука У.бр.175/90 од 3 април 1991 година ги оценувал одредбите од член 16 точка 4 и 5 и член 65 точка 1 став 2 од Правилникот и не наоѓа основ за поинакво одлучување.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.