19/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) член 3 од Одлуката за ценовник-тарифа на услугите што ги извршува АД “Топлификација” во Скопје, преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, донесена од Работничкиот совет на АД “Топлификација” во Скопје на 1 јули 1991 година и
б) член 3 од Одлуката за ценовник-тарифа на услугите што ги извршува АД “Топлификација” во Скопје, преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, донесена од Работничкиот совет на АД “Топлификација” во Скопје на 30 септември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Оливера Сотировска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле објавени во “Службен весник на Република Македонија” и што не била дадена согласност од Извршниот совет на Собранието на Град Скопје, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за општествена контрола на цените.
3. На седницата Судот утврди дека со донесувањето на Одлуката за ценовник-тарифа на услугите што ги извршува АД “Топлификација” во Скопје преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје од 30 септември 1991 година престанала да важи одлуката означена под а) во точката 1 од ова решение и дека со донесувањето на Одлуката за ценовник-тарифа на услугите што ги извршува АД “Топлификација” во Скопје преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје од 30 март 1992 година престанала да важи одлуката означена под б) во точката 1 од ова решение.
Согласно член 113 од Уставот на Република Македонија начинот на работата и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.
Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот кој всушност е општиот акт на кого упатува Уставот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.
Со оглед на тоа што оспорените одлуки престанале да важат, согласно наведените одредби од Уставот и Деловникот, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за водење постапка.
4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.