У.бр.61/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 47 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржана јавна расправа, на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на дел V точка 1.3 став 4 и 7 од Програмата за уредување на градежното земјиште на град Битола со приградските населби за 1992 година, донесена од Собранието на Општина Битола на 7 февруари 1992 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од група граѓани, со Решение У.бр.61/92 од 21 октомври 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на оспорените делови од Програмата означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.

3. На седницата и по јавната расправа, Судот утврди дека во оспорениот дел од програмата е предвидено при реконструкција со која се добива нов станбен простор, еднаков по површина со постојниот, да се плаќа надоместок за уредување на градежно земјиште во висина од 30% од надоместок утврден со оваа програма, а за сутеренски простор во објектот ако катноста е поголема од 2,40 м да се плаќа 100% од утврдениот износ на надоместокот, а за помала катна висина од 2,40 м-60% од надоместокот за комунално уредување.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената програма престанала да важи со донесувањето на нова програма на 12 мај 1993 година.

Со оглед на тоа што оспорената програма престанала да важи, а Судот не наоѓа основ да ја оценува во време на нејзиното важење, одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.