Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 точка 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година,
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 120 од Статутот на Работната организација Медицински центар во Штип, донесен со референдум на 17 септември 1985 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” во Медуцински цента во Штип на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од д-р Никола Камчев и Златко Сарев од Штип, со Решение У.бр.30/93 од 12 мај 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на член 120 од статутот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во член 120 од Статутот е предвидено за индивидуален работоводен орган на медицинскиот центар да се именува лице кое има завршено високо образование – завршен медицински, стоматолошки или фармацевтски факултет и положен специјалистички испит; работно искуство од 5 години по завршената специјализација; кое не е осудувано за кривични дела определени со закон.
5. Според член 90 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/91), здравствената организација може да се основа како јавна, здружена, мешовита и приватна, во согласност со закон. Според член 137 од означениот закон, за директор на јавна здравствена организација, врз основа на јавен конкурс, се именува лице со високо образование. Директорот на јавна здравствена организација, по предлог на здравствениот совет, го именува односно го разрешува министерот за здравство, а директор на друга здравствена организација се именува под услови и начин утврдени со општ акт на здравствената организација.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со Законот се утврдени условите за именување на директор на јавна здравствена организација, па според тоа јавната здравствена организација не може да утврди услови за именување на директор, ниту да ги менува и проширува условите утврдени со закон.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Статутот на медицинскиот центар се утврдени условите за избор на директор на јавната здравствена организација што се предмет на законска регулатива, Судот оцени дека член 120 од Статутот не е во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.