Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 56 и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето за заштита на слободата на уверувањето, поднесено од Никола Филиповски од Скопје, против образложението на Пресудата 12.П.бр.847/91, донесена од Општинскиот суд Скопје-2 на 26 јуни 1991 година, во делот што се однесува на квалификативите што ја навредувале неговата личност.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Никола Филиповски од Скопје му поднесе барање за измена на образложението на пресудата заразвод на брак 12.П.бр.847/91, донесена од Општинскиот суд Скопје-2, заради отстранување на квалификативи што ја навредувале и етикетирале неговата личност.
3. На седницата Судот утврди дека со означената пресуда делумно е уважено тужбеното барање на тужителката Сузана Филиповска и е разведен бракот помеѓу неа и Никола Филиповски. Судот, исто така, утврди дека меѓу причините за развод на бракот, во образложението на пресудата е наведено дека тужениот имал чудно однесување што отстапувало од нормалното постапување и сфаќање за обракот и дека последните години странките воопшто не контактирале како брачни другари.
4. Согласно член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според мислењето на Судот, поединечниот акт што е предмет на оспорување во конкретниот случај не е непосредно поврзан со остварувањето на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Предмет на одлучувањето во овој случај се мотивите за развод на бракот, кои не претставуваат ограничување на слободата на уверувањето на подносителот на барањето, поради што Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.