У.бр.266/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 точка 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Заклучокот за усвојување на Програмата за набавка на опрема на ТВ-Кочани, донесен од Собранието на Општина Кочани на 26 ноември 1992 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Кочани”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Михајло Арсов од Кочани, со Решение У.бр.266/92 од 12 мај 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на заклучокот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот заклучок се усвојува Програмата за набавка на опрема за телевизија-Кочани, а за граѓаните на Општина Кочани, иматели на ТВ приемници, се утврдува аконтациона претплата во износ од 3.000 денари, како учество за набавка на опрема за телевизија Кочани, а за наплатувањето на надоместокот е задолжена организација “Електро-Кочани” во Кочани.

5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 од Уставот, Собранието на Републиката ги утврдува јавните давачки. Според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства на Републиката.

Според член 4 став 2 од Законот за системот за финансирање на општите и заедничките потреби (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91, 55/91, 21/92 и 36/92), потребите на Републиката, општините и Градот се финансираат од извори на приходи, што според одредбите на овој закон им припаѓаат, а според ставот 3 на овој член приходите се обезбедуваат со плаќање даноци, такси и други давачки утврдени со закон. Во член 18 од овој закон е определено од кои видови даноци и такси општините со свој акт да воведат јавни давачки.

Во член 36 од Законот за радиодифузијата (“Службен весник на СРМ” бр.20/74) е пропишана обврска корисникот на радиодифузен приемник да го пријави набавувањето на секој одделен радиодифузен приемник и да плаќа месечен надоместок за користење на Радио-телевизија Скопје, при што не е предвидена можност општината да утврдува надоместок за граѓаните со кој ќе се финансира набавката на опрема за телевизија.

Од изнесеното произлегува дека финансирањето на општината се врши од сопствени извори на приходи кои се определуваат со закон, при што со Уставот и со закон не е предвидена можност општината да воведува јавни давачки што не се утврдени со закон.

Со оглед на тоа што Собранието на Општината Кочани со оспорениот заклучок ги задолжува граѓаните-иматели на ТВ приемници да плаќаат одреден надоместок за набавка на опрема за телевизија, без за тоа да има законски основ, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.