Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за организирање на Трговско претпријатие “Гостиварска трговија” во Гостивар како акционерско друштво во мешовита сопственост, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието на 19 јуни 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Штрајкувачкиот одбор на вработените во Трговското претпријатие “Гостиварска трговија” во Гостивар, за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што била донесена без претходна консултација на вработените, што не било во согласност со Законот за претпријатијата.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.