Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 25 став 2 под б од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Основното училиште “Кочо Рацин” во Скопје, донесен со референдум на 31 август 1988 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување согласноста на член 25 став 2 под б од правилникот означен во точката 1 од ова решение со Општествениот договор за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците (“Службен весник на СРМ” бр.11/86).
3. На Уставниот суд на Република Македонија Горица Ивановска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 25 став 2 под б од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што станбениот статус на работникот потстанар до 1 година и на работникот кој живее кај родители подеднакво бил вреднуван, што не било во согласност со закон и со соодветниот општествен договор.
4. На седницата Судот утврди дека во член 25 е утврден и вреднуван станбениот статус на работниците, при што според став 2 под а е вреднуван станбениот стзатус на подстанар и во зависност од времето поминато во тој станбен статус, можат да се добијат најмногу 40 бода односно 30 бода за потстанар до 1 година.
Во оспорениот член 25 став 2 под б е предвидено дека работникот кој живее кај своите родители, или кај родителите на брачниот другар со стан кој не одговара на потребите на неговото семејно домаќинство добива 30 бода.
Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста, според основите и мерилата утврдени со општ акт односно колективен договор.
5. Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/91), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење односно основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање на стан.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на претпријатието со општ акт да ги утврди основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање на стан, а во тие рамки да го предвиди и вреднува станбениот статус на работникот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со означените законски одредби.
6. Во врска со барањето за оценување согласноста на оспорената одредба со соодветниот општествен договор, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.