Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Прегледот на уплатените средства за станбена изградба, утврден од Извршниот одбор на Самоуправната интересна заедница за становање на Општина Делчево на 2 ноември 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Софрон Георгиевски од с. Очипала-Општина Делчево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што врз основа на тој акт Извршниот одбор на Самоуправната интересна заедница за становање во Делчево извршил доделување на општествени станови само на неколку работни организации, а не на сите организации кои учествувале во финансирањето, што распределбата на општествените станови била извршена од ненадлежен орган, што општествените станови не биле доплатени и со средства на граѓаните што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот преглед се утврдеи работните организации кои уплатувале средства за станбена изградба, износот на уплатите и ревалоризирани средства, како и станбената површина која на организациите им припаѓа со оглед на висината на уплатените средства. Исто така, Судот утврди дека овие средства биле здружувани врз основа на Самоуправна спогодба за издвојување на средства за станбена изградба, здружување на средства во СсИЗ за становање и за немената и начинот на користење на средства за станбена изградба.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.