Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Планот за реализација на урбанистичката единица бр.35 (населба Бутел-2), донесена од Собранието на Град Скопје на 1 јули 1982 година, во делот што се однесува на индивидуалниот станбен објект на КП.бр.12948/2.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од куќните совети на колективните станбени објекти број 24 и 26 на улица “Втора Македонска бригада” во населбата Бутел-2 во Скопје и од сопствениците на индивидуалните станбени објекти од означената улица, за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена согласно постапката пропишана со закон.
Истовремено е побарано запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување конечна одлука на Судот.
3. На седницата Судот утврди дека нацртот на Одлуката, што е утврден од Собранието на Градот на 13 јули 1981 година, бил ставен на јавен увид во Месната заедница “Ферид Бајрам” во Скопје од 14 август до 14 септември 1981 година и дека по неа била организирана јавна расправа на 13 октомври 1981 година, при што граѓаните изнеле повеќе забелешки. Во усвоениот план за реализација е предвидена изградба на индивидуален станбен објект наспроти здравствениот дом.
4, Во член 30 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/78), кој се применувал во време на донесувањето на оспорената одлука, беше предвидено дека урбанистичките планови во сите фази на изработување задолжително се ставаат на јавен увид и се организира јавна расправа. Таквата постапка, според член 35 од овој закон, се предвидуваше и при донесувањето на измените и дополнувањата на плановите.
Со оглед на тоа што при донесувањето на Одлуката за измените и дополнувањата на урбанистичкиот план била обезбедена постапката пропишана со Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката во наведениот дел, со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Имајќи предвид дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со Законот, Судот оцени дека не се исполнети условите за донесување решение за времена мерка пропишани со член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.