У.бр.233/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 од Одлуката за организирање на КРО “4 Ноември”-ООЗТ “Комунална хигиена и зеленило” во Битола, како јавно претпријатие, донесена од Собранието на Општината Битола на 28 декември 1989 година, во делот што се однесува на овластувањата на Собранието да дава согласност за именување и разрешување на работоводниот орган.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” ив о “Службен гласник на Општина Битола!.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Комуналец” во Битола, со решение У.бр.233/92 од 27 јануари 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 12 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 12 од Одлуката е предвидено Собранието на Општината Битола да дава согласност на Статутот на претпријатието, на актот за именување и разрешување на работоводниот орган, на одлуките за проширување на дејноста на претпријатието и на одлуките со кои се воведуваат материјални обврски за корисниците на комуналните производи и услуги.

5. Согласно член 54 став 1 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр. 77/88, 40/89, 46/90 и 61/90) директорот на општественото претпријатие го именува работничкиот совет по предлог на конкурсна комисија, составена од работници на претпријатието, а според член 24-а од Законот, на јавните претпријатија се применуваат одредбите од законот што важат за претпријатијата во општествена, мешовите и приватна сопственост.

Со Законот за работењето и управувањето на организациите на здружен труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77) собранието на општината не е овластено да дава согласност на одлуката за именување и разрешување на директорот на претпријатијата што вршат комунални дејности.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел на член 12 од Одлуката е пропишано Собрнаието на Општината да дава согласност на Одлуката за именување и разрешување на директорот на Јавното претпријатие, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби и одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.