Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 март 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на:
а) Заклучокот за разрешување од должноста на главните републички инспектори, донесен од Владата на Република Македонија на 12 јуни 1992 година и
б) Решението за разрешување на примариус д-р Костадин Грековски од должноста главен републички санитарен и здравствен инспектор, донесено од Владата на Република Македонија на 12 јуни 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија примариус д-р Костадин Грековски му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија без спроведена постапка за утврдување на одговорноста на главните републички инспектори, ги разрешила од должност, што не било во согласност со Уставот и со член 141 од Законот за органите на управата.
3. На седницата Судот утврди дека Владата на Република Македонија на 9-ти јуни и 12-ти јуни 1992 година, по повод информацијата за негативните состојби, констатирала незадоволителни резултати во работата на главните републички инспектори и донела заклучок да се разрешат од оваа функција.
Со оспореното решение примариус д-р Костадин Грековски е разрешен од функцијата главен републички санитарен и здравствен инспектор.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што заклучокот на Владата нема карактер на пропис или општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Исто така, Судот оцени дека и оспореното решение е поединечен акт, за кој, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.