260/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 став 2 од Одлуката за продажба на становите во општествена сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, донесена од Управниот одбор на 18 ноември 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, повеќе пензионери од Скопје, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 став 2 од одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа се забранувала продажбата на становите во општествена сопственост и на становите дадени под кирија во домовите за живеење на пензионерите, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека според член 1 став 1 од Одлуката се одобрува продажба на становите во сопственост на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и тоа на становите што ги користат работниците или пензионираните работници на стручната служба на Фондот, вклучувајќи ги и становите што според делбениот биланс извршен меѓу фондот и Фондот за здравствено осигурување на Македонија се или ќе се пренесат во сопственост на Фондот, како и становите што ги користат корисниците на правото од пензиското и инвалидското осигурување (старосни, инвалидски, семејни и др.), како и носители на станарското право или членови на нивното семејно домаќинство кои се корисници на станот.
Според ставот 2 од Одлуката, одредбата од став 1 на овој член не се однесува на становите дадени под кирија во домовите за живеење на пензионерите на кои не може да се стекне станарско право, како и на становите на кои станарското право, е добиено спротивно на самоуправните општи акти на Фондот и на Законот за станбени односи.
4. Според член 10 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88)-пречистен текст, со станарско право на стан во општествена сопственост граѓанинот се здобива со денот на законитото вселување во станот, врз основа на договор за користење на тој стан, односно решение на судот што го заменува тој договор. Согласно член 9 од овој закон на становите за привремено сместување и за службени потреби, корисникот на станот не се здобива со станарско право, туку само со правата и обврските утврдени со општиот акт на давателот на станот на користење, односно со договорот за користење стан. Според член 2 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/93)-пречистен текст, станот може да се продаде на носителот на станарското право или со негова согласност на член на неговото семејно домаќинство кој е корисник на станот.
Со оглед на тоа што становите во домовите за пензионери не претставуваат станови во смисла на Законот за станбени односи, на кои корисникот се стекнува со станарско право, туку, служат за привремено сместување на пензионерите и нивните брачни другари, а становите во општествена сопственост можат да се продаваат само на носителите на станарското право, или на членови на семејното домаќинство, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 став 2 од Одлуката со означените законски одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и вера Терзиева-Тројачанец.