164/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување општ интерес и определување локација за изградба на манастирски комплекс “Св.Наум-Чудотворец” на туристичкиот локалитет Попова Шапка, на подрачјето на Општина Тетово, донесена од Владата на Република Македонија на 26 јуни 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Советот на месната заедница “Лисец” од село Лисец, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија не била овластена да утврдува општ интерес и локација за изградба на верски објекти, туку само на јавни, опшртествени и стопански објекти; не бил изготвен елаборат за објектот и што оспорената одлука содржела одредба за влегување во сила со денот на донесувањето, што не било во согласност со Уставот и со закон.
Исто така, со иницијативата се бара, до донесување на конечна одлука, Судот да го запре извршувањето на Одлуката.
4. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Одлуката се утврдува општ интерес и се опредлеува локација за изградба на манастирски комплекс “Св.Наум-Чудотворец” на туристичкиот локалитет Попова Шапка, на подрачјето на Општина Тетово. Составен дел на Одлуката, според точката 2, е графичкиот приказ на локацијата, во кој се утврдени одделни елементи за определување условите на градба. Според точката 3 Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
Судот, исто така, утврди дека за подрачјето на туристичкиот локалитет Попова Шапка не е донесен урбанистички план.
5. Според член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 39/90), за населени места и надвор од нив, за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од наведената законска одредба произлегува дека за местата за кои не е донесен урбанистички план, или, ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај е определена локација за изградба на манастирски комплекс на туристичкиот локалитет Попова Шапка, за кој не е донесен урбанистички план, Судот оцени дека се исполнети условите од член 54 од Законот, односно дека не постојат законски пречки за донесување на оспорената одлука.
Што се онесува до карактерот на објектот, според мислењето на Судот, верските објекти можат да претставуваат јавни објекти, без оглед на тоа што служат првенствено за задоволување на верските потреби на граѓаните, поради што Судот оцени дека и од овој аспект оспорената одлука не е во несогласност со законот.
Во однос на прашањето за несогласноста на членот 3 од оспорената одлука со членот 52 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 40/92 на 4 јули 1992 година и согласно означената одредба од Уставот, можела да се применува најрано од денот на објавувањето.
6. Во врска со наводите во иницијативата за несогласноста на одлуката со прописите за експропријација, Судот утврди дека во делот што се однесува на определувањето на општиот интерес во смисла на член 16 од Законот за експропријација одлуката претставува поединечен акт, за чија законитост, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
7. Што се однесува до барањето за времена мерка, со оглед на тоа што не поведе постапка, Судот оцени дека нема основ за нејзино изрекување.
. 8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вер Терзиева-Тројачанец.