1/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 268 став 1 од Законот за здружениот труд (“Службен лист на СФРЈ” бр.53/76, 57/83 и 85/87) односно член 226 став 1 од Законот за здружениот труд-пречистен текст (“Службен лист на СФРЈ” бр.11/88).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи од д-р Велијан Јагев од Скопје и Одборот на Исламската заедница од Битола за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што враќањето на недвижноста која станала општествено средство без правен основ се ограничувало на рок од 5 години од денот на дознавањето, а најдоцна во рок од 10 години, што не било во согласност со Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека со Законот за изменување на Законот за здружениот труд (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/93 се брише оспорената одредба од Законот за здружениот труд.
Со оглед на тоа дека оспорената одредба од Законот престанала да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.