36/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за распределба на средствата за лични доходи и на средствата за заедничка потрошувачка, донесен од Работничкиот совет на Општественото претпријатие “Иднина” во Струмица на 12 февруари 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Томе Аризанов од Струмица за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на табеларниот дел од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал вреднување на работите и работните задачи независно од трудот на работниците и што влегол во сила и се применувал пред да се објави, поради што не бил во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 4 од Правилникот е определено личниот доход на работникот да се утврдува врз основа на вредноста наработите и работните задачи заснована на нивната сложеност и обем, успешноста во извршувањето на задачите заснована на планот на Претпријатието и нормата за работно место, вкупниот работен стаж и на учеството на работникот во остварената добивка на Претпријатието.
Според член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Според член 49 став 2 од Законот за основните права од работниот однос на работникот му припаѓа личен доход како дел од доходот односно добивката кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивка во согласност со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека трудот претставува основа за остварување на личен доход, при што сразмерноста помеѓу трудот на работникот и неговиот личен доход се определува со општ акт на организацијата односно со колективен договор.
Со оглед на тоа што со Правилникот се предвидува личниот доход да се определува врз основа на трудот во зависност од проценката на организацијата за учество на работникот во остварувањето на доходот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни и законски одредби.
4. Исто така, Судот утврди дека означениот правилник не содржи одредба со која се определува неговото влегување во сила односно објавувањето, ниту пак, времето на неговата примена.
Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека прописите можат да влезат во сила и да предизвикуваат правно дејство по објавувањето.
Со оглед на тоа што со Правилникот не се предвидува поинаков начин на неговото влегување во сила и за неговото правно дејство од пропишаниот со Уставот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.